Отворија метеорит од Марс и пронајдоа минерал што досега не бил виден

Научници пронајдоа неколку зрна гранат во метеорит што потекнува од Марс, откритие што може да понуди нови сознанија за древната геолошка историја на Црвената планета.

Минералот бил откриен во мал фрагмент од метеоритот NWA 8171, кој се чува во колекцијата на Кралскиот музеј на Онтарио во Канада.

Истражувачите првично мислеле дека необичниот дел од карпата е пироксен, минерал кој често се среќава во метеоритите. Дополнителните анализи, сепак, покажале дека станува збор за андрадит, вид гранат богат со железо.

Пронајдениот фрагмент е со големина од само 0,8 на 0,5 милиметри, односно е помал од зрно афион. И покрај неговата мала големина, научниците сметаат дека може да содржи важни информации за условите што постоеле на Марс пред милијарди години.

Гранатот на Земјата најчесто се создава при високи температури, силен притисок или дејство на жешки течности. Таквите услови на Марс можеле да настанат при удар на голем метеорит, при издигнување на магма низ кората на планетата или како резултат на комбинација од двата процеса.

Минералите од групата на гранатите се особено значајни за геолозите бидејќи можат да зачуваат траги за температурата, притисокот и хемиските услови во кои се формирале.

Откритието затоа може да помогне во реконструкцијата на вулканската и геолошката еволуција на Марс, како и во утврдувањето дали планетата некогаш имала поразновидни карпи и геолошки процеси отколку што се претпоставувало.

Сепак, научниците сè уште не можат со сигурност да потврдат дека гранатот се создал на Марс. Бидејќи метеоритот е составен од повеќе различни парчиња карпи, постои и можност минералот да потекнува од друго вселенско тело што некогаш удрило во планетата.

За да се утврди неговото вистинско потекло, ќе треба да се анализираат изотопите на кислородот во минералот и да се споредат со познатите марсовски примероци.

Таквото испитување, сепак, би барало уништување на дел од исклучително реткиот примерок, поради што истражувачите досега не го спровеле.

Научниците ќе продолжат да го проучуваат метеоритот и да ги споредуваат резултатите со податоците што ги испраќаат роверите и леталата околу Марс.

Најчитано