Паника во турско училиште, најмалку 16 повредени во напад

Најмалку 16 лица се повредени во пукање во средно училиште во југоисточна Турција, во инцидент што повторно ја отвори темата за безбедноста во образовните установи.

Нападот се случил во стручно училиште во округот Сиверек, во провинцијата Шанлиурфа, а меѓу повредените има ученици, наставници, полициски службеник и вработен во училишната кантрина.

Според првичните информации од турските власти, напаѓачот бил поранешен ученик кој со пушка почнал да пука најпрво во училишниот двор, а потоа влегол и во зградата. По интервенцијата на полицијата и специјалните единици, тој бил опколен и потоа се самоубил. Дел од повредените биле згрижени во локални болници, а неколкумина биле префрлени и во поголем медицински центар во Шанлиурфа.

Властите засега не соопштуваат што бил мотивот за нападот, но истрагата е веќе отворена. Гувернерот на провинцијата изјави дека училиштето претходно не било означено како безбедносно ризично, што дополнително ја зголемува загриженоста околу тоа како дошло до ваков пробив на насилство.

Снимките што се појавија во турските медиуми покажуваат ученици како во паника го напуштаат училишниот комплекс додека пристигнуваат итните служби.

Пукања во училишта се ретки во Турција, па токму затоа и овој случај предизвика силен шок во јавноста. Во земја во која ваквите напади не се честа појава, настанот во Сиверек веќе се третира како еден од најтешките инциденти од овој вид во последните години.

Зачлени се на нашиот е-билтен