Пекол во Скопје, граѓаните колабираат

Високите температури веќе предизвикуваат здравствени проблеми кај граѓаните во Скопје. Само во текот на утрово, екипите на Итната медицинска помош интервенирале во повеќе од пет случаи на колапс на јавни места, главно кај повозрасни лица.

Докторката Ана Џарева од Итната медицинска помош за МИА изјавила дека значително е зголемен и бројот на телефонски повици од граѓани кои бараат медицинска помош или совет поради последиците од жешкото време. Меѓу оние што се јавувале имало и помлади лица.

Најчестите симптоми на кои се жалат граѓаните се болки во градите, вртоглавица, слабост и други тегоби поврзани со изложеноста на високи температури.

Меѓу регистрираните случаи е и жена на возраст од околу 37 години, на која ѝ се слошило додека се наоѓала во возило.

Од Итната медицинска помош апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Доколку излегувањето не може да се одложи, се препорачува носење лесна и светла облека, капа, внесување доволно течности и консумирање лесна храна.

Треба да се избегнуваат алкохол, кофеински пијалаци и тешка, мрсна храна. Лицата кои примаат редовна терапија треба навремено да ги земаат препишаните лекови, а при излегување од климатизирана просторија постепено да го приспособат организмот на надворешната температура.

Институтот за јавно здравје предупредува дека топлотниот стрес може да предизвика слабост, вртоглавица, гадење, грчеви, забрзана работа на срцето, отежнато дишење и губење на свеста. Најзагрозени се лицата над 60 години, хронично болните, бремените жени, децата и работниците на отворено.

Доколку лице има топла и сува кожа, грчеви или е во бессознание, треба веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или единствениот број за итни случаи 112. До пристигнувањето на екипата, лицето треба да се премести на постудено место и постепено да се разладува.

Најчитано