Македонскиот научник Петар Поповски стана член на Кралската данска академија на науките и книжевноста

Проф. д-р Петар Поповски / фото: Фејсбук

Признание од една од најстарите и најугледни научни институции во Европа доби македонскиот научник Петар Поповски, кој е избран за член на Кралската данска академија на науките и книжевноста.

Поповски, кој долги години живее и работи во Данска, каде е професор на Универзитетот во Олборг, е дел од меѓународната научна заедница во областа на безжичните комуникации, мрежните технологии и теоријата на информации.

Според објавата, неговото членство во академијата претставува дел од пошироката група новоизбрани членови кои придонесуваат за развој на науката во Данска и пошироко, во институција која ги следи традициите на големи научници како Нилс Бор и Ханс Кристијан Орстед.

Поповски е роден во Охрид и образованието го започнал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирал како првенец на генерацијата на Електротехничкиот факултет. Подоцна магистрирал, а докторските студии ги завршил во Данска, каде ја гради својата академска кариера повеќе од две децении.

Во неговата научна работа се вклучени истражувања поврзани со развој на 5G и идните 6G комуникациски системи, сателитски комуникации и напредни безжични мрежи, при што има објавено голем број научни трудови и учествувал во меѓународни истражувачки проекти и комисии.

Во рамки на академската заедница во Данска, Кралската академија претставува советодавно тело кое обединува истражувачи од различни научни области и учествува во обликување на научните политики и насоки за развој на истражувањето во земјата.

Најчитано