(ВИДЕО) Погледнете го авионот за најдолгиот лет во светот: 22 часа без слетување од Сиднеј до Лондон

Qantas го претстави авионот со кој од 2027 година треба да го изведе најдолгиот комерцијален лет во светот – директна линија од Сиднеј до Лондон, без ниту едно слетување.

Станува збор за специјално модифициран Airbus A350-1000ULR, дел од проектот „Project Sunrise“, со кој австралиската авиокомпанија сака да ја поврзе источна Австралија со Европа и САД со ултрадолги директни летови. Првата рута ќе биде Сиднеј – Лондон, а стартот е најавен за октомври 2027 година.

Летот ќе покрива повеќе од 16.000 километри и ќе трае до 22 часа, што го прави еден од најамбициозните потези во модерната авијација. Qantas најави дека билетите за првите летови ќе бидат пуштени во продажба во февруари 2027 година.

Авионот е произведен од Airbus специјално за оваа мисија и има дополнителен резервоар од 20.000 литри гориво, што му овозможува да лета подолго од стандардните модели. Наместо максимален број седишта, кабината ќе има 238 места распоредени во четири класи, со цел патниците полесно да го издржат летот што ќе трае речиси цел ден.

Новата линија е историски пресврт за таканаречената „Kangaroo Route“ меѓу Австралија и Обединетото Кралство. Кога Qantas првпат летал од Сиднеј до Лондон во 1947 година, патувањето траело четири дена и имало седум застанувања. Со новиот авион, последното застанување треба да исчезне.

Од компанијата велат дека директниот лет ќе заштеди до четири часа во споредба со сегашните летови со едно преседнување. Во авионот се најавени и решенија за подолг престој во воздух, меѓу кои посебна зона за истегнување, подобрено осветлување во кабината и распоред осмислен за намалување на заморот и џет-легот.

По линијата Сиднеј – Лондон, Qantas ја потврди и рутата Сиднеј – Њујорк како следен чекор од истиот проект. Точниот датум за нејзино стартување ќе биде објавен дополнително.

Со ова Qantas се обидува да отвори нова ера во авионскиот сообраќај: помалку преседнувања, пократко вкупно патување и директно поврзување на градови кои досега беа невозможни за комерцијален лет без пауза.

Најчитано