Пожарот на Крит ги приземји авионите, двајца пожарникари загинаа

Пожарот на Крит прерасна во смртоносна катастрофа во јужниот дел на Ретимно, каде што двајца пожарникари загинаа, шест населени места добија наредби за евакуација, а дел од заглавените граѓани беа извлечени по море. Ураганските ветрови ги приземјија противпожарните авиони и хеликоптери во моментот кога огнениот фронт се прошири на повеќе од 15 километри.

Загинатите пожарникари биле на возраст од 25 и 58 години. Едниот бил сезонски пожарникар, а другиот службеник со петгодишна обврска, двајцата од противпожарната единица во Агиа Фотини. Официјално е потврдено дека животите ги загубиле при операцијата кај Крија Вриси, но точните околности во кои биле опколени од пламените сè уште се утврдуваат.

Првичните информации за местото и начинот на нивната смрт се менуваа во текот на попладнето. Дел од грчките медиуми објавија дека пожарникарите го напуштиле возилото, но не успеале да се оддалечат, додека други извештаи наведоа дека биле пронајдени во негова близина. Истрагата за пожарот и трагичниот исход ја води специјализираниот истражен оддел за подметнати пожари во Ретимно.

Огнот за кратко време се проширил околу Крија Вриси, Меламбес и Сахтурија, а пламените навлегле и во делови од Меламбес. Во опасност се нашле куќи и туристички области, додека фронтот продолжил да се движи кон Агиа Галини.

Преку серија предупредувања од бројот 112 биле евакуирани Крија Вриси, Сахтурија, Меламбес, Агиос Павлос, Орне и Триопетра. Жителите и посетителите биле насочувани кон Ретимно, Агиа Галини и Кераме, во зависност од движењето на огнот и проодноста на патиштата.

На плажата Агиос Павлос дел од луѓето останале отсечени по копнен пат. Крајбрежната стража организирала нивно извлекување по море, бидејќи пламените и чадот ја отежнале евакуацијата преку патната мрежа. За превоз на жители биле подготвени и автобуси во Крија Вриси и Агиа Галини.

Во гаснењето биле вклучени 156 пожарникари, осум пешадиски противпожарни групи и десетици возила. Биле мобилизирани четири авиони и четири хеликоптери, но силните воздушни струења не им дозволувале безбедно и континуирано да дејствуваат. Неколку обиди за полетување биле прекинати, вклучително и на летала испратени како засилување од Атина.

Двајца цивили-волонтери биле полесно повредени додека помагале во справувањето со пожарот. Болницата во Ретимно била ставена во состојба на готовност, иако првичните информации за повредените и за нивната здравствена состојба сè уште биле ограничени.

Националната опсерваторија во Атина предупреди дека следните 48 часа ќе останат исклучително тешки. Ударите на ветерот на делови од островот може да достигнат од 90 до 100 километри на час, што создава услови за нагло ширење и повторно разгорување на пожарите.

Додека Крит се соочува со повеќе активни пожари, смртта на двајцата пожарникари повторно го отвори прашањето за условите во кои сезонските и пожарникарите со ограничен работен статус се испраќаат на најопасните линии на огнот.

Најчитано