Правда молчи, СДСМ прашува: каде се документите за Груевски?

Прашањето за евентуална нова екстрадиција на Никола Груевски од Унгарија повторно влезе во внатрешната политичка пресметка, откако СДСМ обвини дека документите за поранешниот премиер се заглавени во Министерството за правда и побара јасен одговор дали тие се испратени до унгарските институции или сè уште се чуваат под изговор дека се комплетира документацијата.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција пред Министерството за правда праша дали станува збор за институционална процедура или за намерно блокирање. Тој реагираше на претходното соопштение од Правда, во кое беше наведено дека постапката за Груевски се води институционално и без политички влијанија.

Од Министерството за правда претходно соопштија дека се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино процесирање во рамки на законската процедура. Оттаму наведуваат дека прибирањето информации од надлежните судови треба да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување, а Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку да постапува по нив.

СДСМ, пак, тврди дека судот веќе ги доставил потребните документи и дека тие се наоѓаат во Министерството за правда. Партијата го поставува прашањето зошто, ако документацијата е прибрана, таа не е проследена до Унгарија, особено по политичките промени во Будимпешта и изјавите на Петер Маѓар дека Унгарија не треба да биде засолниште за странски функционери барани од правосудните органи во нивните земји.

Случајот има долга правна и политичка историја. За Груевски досега било поднесено барање за екстрадиција во 2018 година, со дополнување во 2019 година, но Унгарија го одби барањето со образложение дека му е одобрен азил. Токму тој азил останува клучната правна пречка, бидејќи додека е во сила, екстрадицијата не може да се спроведе автоматски.

Груевски во меѓувреме реагираше преку објава во која ги нарече судските процеси против него монтирани и го повика министерот за правда Игор Филков да ги провери околностите под кои, како што тврди, биле водени предметите. Од Правда, сепак, одговорија дека не можат да ги преиспитуваат правосилните пресуди, туку се должни да постапуваат по нив.

Доколку се врати во Македонија, Груевски треба да издржува затворска казна од десет и пол години за предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“, а против него се водат и судски постапки во отсуство за „Титаник“ и „Талир 2“.

Зачлени се на нашиот е-билтен