Правни експерти бараат одговори: Каде е криминалот во случајот „Мазут“?

Во правната јавност сѐ уште нема јасен одговор каде се содржани елементите на криминал во случајот „Мазут“. Професорот Гордан Калајџиев, во гостување во „Студио 10“ на Телевизија 24, посочи дека за случајот не биле презентирани докази во јавноста. Истовремено, според него, не се отвора прашањето за последиците што ги претрпеле осомничените во текот на истрагата.

  • Од она што јавноста можеше да го види, не е јасно каде е криминалот и корупцијата, а тоа го покажува и одлуката на Обвинителството. Имавме луѓе кои беа во притвор, беа предмет на мерки цела година, а никој не прашува кој ќе одговара за тоа. Наместо тоа, сите зборуваат за наводен криминал затоа што истрагата е запрена. Од каде им е правото за такви квалификации?“ – вели Калајџиев.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески оцени дека е подобро постапката да се затвори навреме поради недостиг на докази, отколку да се форсира обвинение кое подоцна би резултирало со ослободителна пресуда.

Подобро е истрагата да се запре отколку да се поднесе обвинение што подоцна би завршило со ослободителни пресуди“, дециден е Савески.

Според официјалните извештаи на ТЕЦ Неготино, во периодот опфатен со истрагата континуирано бил следен квалитетот на воздухот. Иако во јавноста се појавуваа информации за можно загадување и труење, извештаите не покажале загадување кое потекнувало од работата на ТЕЦ Неготино.

Една од дилемите што се отворија беше и прашањето за хемискиот состав на увезениот мазут. Според ОЈО ГОКК, од собраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им биле ставени на товар. Дополнително, не било констатирано ниту друго кривично дело кое би се гонело по службена должност.

Во јавноста се поставува и прашањето дали е логично загадувањето во Неготино да се поврзува со мазутот, ако Скопје, каде што не се користи мазут, редовно се наоѓа меѓу најзагадените градови во светот.

Регулаторната комисија за енергетика врши месечни контроли согласно лиценците за трговија со нафтени деривати и располага со податоци за набавката и продажбата на компаниите што имаат лиценци. Според достапните извештаи, Скопје не било загадувано од мазут, бидејќи ТЕ-ТО како главна когенеративна централа работи на гас. Сепак, главниот град останува меѓу најзагадените, особено во зимските месеци.

Многу истражувања покажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат во дивите депонии, несоодветното третирање на отпадот и честото палење на отпадни материјали. Воедно, недостасуваат современи системи за енергетско искористување на отпадот, односно проекти од типот „waste to energy“, кои одамна се применуваат во европските градови.

Факт е и дека мазутот се користи во повеќе европски држави како Германија, Франција и Швајцарија, кои имаат високо развиени еколошки политики и стандарди.

Официјалните извештаи на ЕСМ покажуваат дека ТЕЦ Неготино во периодот од 2021 до 2023 година беше реактивирана по повеќегодишен прекин и одигра значајна улога за време на енергетската криза. Во 2022 година централата оствари добивка од околу 2,25 милијарди денари, односно приближно 36,5 милиони евра, што претставува историски рекорд.

Професори од ФЕИТ пресметале дека евентуалниот увоз на електрична енергија во истиот период би чинел околу 880 милиони евра, додека набавката на мазутот изнесувала 167 милиони евра.

Затоа повторно се актуализира прашањето: кој ќе ја надомести штетата што осомничените ја претрпеле во однос на нивниот углед и времето поминато во притвор?

Најчитано