Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Претседателски избори: Успешни, наспроти „тивкиот бојкот“

Овие претседателски и парламентарни избори поминаа мирно, со наводен тивок бојкот за претседателските избори, иако партиите претходно ги повикаа граѓаните да излезат на избори, особено за претседателските за кои што требаше да се постигне цензус од 40 отсто излезност.

Ако се погледне разликата од одзивот за претседателски и парламентарни избори објавен од ДИК од средините со претежно албанско население, гласачките кутии за претседателските избори беа речиси празни.

Според медиумите и информациите од набљудувањето на теренот, во тие средини одзивот на граѓани кои избираа да гласаат за шеф на државата беше мал, а спротивно се случуваше со гласачките кутии за парламентарните избори.

Прв се јави претседателот Стево Пендаровски кој пред голем број домашни и странски медиуми алрамираше дека има информации дека се случува бојкот на вториот круг на претседателските избори.

“Има информации дека на некои места и изборни единици постојат обиди за организиран бојкот, за неприфаќање на второто ливче за претседател. Ако тие информации се точни, јас би сакал да ги осудам однапред, затоа што мислам дека за една демократија е неприлично ако се ограничува правото на избор“, изјави Пендаровски.

Вицепремиерот Артан Груби кој истовремено е и шеф на кабинетот на Али Ахмети, потврди дека не гласал за претседателските избори.

Тој на новинарско прашање, откако излезе од гласачкото место, одговори дека не гласал за претседател на државата, но и дека нема бојкот за претседателски избори.

„Не гласав за претседателските, бидејќи не сакам да легитимирам претседател или претседателка која е против УЧК, против Охридскиот договор, против добрососедството со Косово, со Бугарија, со Грција, против интеграција во ЕУ и уставните измени, против пријателството со САД. Не сакам идниот претседател или претседателка да го има и легитимитетот на гласовите на демократскиот свет тука во Северна Македонија. Затоа го искористив моето демократско право да гласам за парламентарните, но не и за претседателските избори“, објави Груби на социјалните мрежи.

Она што Мониторинг тимот на Цивил го констатира дека тивкиот бојкот на претседателските избори што започна уште во предвечерието на денешниот изборен ден, со активности на партиски активисти и симпатизери на социјалните мрежи, продолжи на почетокот на изборниот ден, за во попладневните часови тој да стане малку погласен, пред сè од одредени партиски активисти.

Според информациите од набљудувачите на Цивил од теренот, во повеќе избирачки места во државата се забележани случаи на активности со цел да се влијае на гласањето за претседател на државата. Така, на пример, од набљудувачи на избирачко место во Гостивар е забележано присуство на партиски активисти пред избирачките места кои ги наведувале гласачите да гласаат само на парламентарните избори, а да не го земаат гласачкото ливче за претседателски  избори.

Понатаму, во Битола забележан е случај на гласно извикување пред изборната комисија за намерата да се гласа и за двата избори.

На избирачко место во Аеродром се бележи случај во кој членка на Избирачкиот одбор ја прашала својата колешка дали да ги даде двете гласачки ливчиња на гласачот. Ѝ било одговорено со зборовите: „Двете, за што инаку дошла?“

Во друго избирачко место во истата општина, избирачкиот одбор на глас прашува гласач зошто не гласа за претседателски избори.

Во две други скопски општини, Чаир и Ѓорче Петров, членови на избирачки одбор сугерираат да не се гласа за претседател. На друго, пак, избирачко место, претседателот на ИО го прашал гласачот дали ќе гласа и за претседателски и за парламентарни избори по што гласачот со висок тон реагирал, сметајќи дека тоа е уценување, и нема да каже за кого ќе гласа, по што си ја земал личната карта и го напуштил гласачкото место без да гласа. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира