Скопската градоначалничка Данела Арсовска иако во 2021 година беше назначена за почесен конзул на Унгарија во Северна Македонија, сепак не доби пари за проекти предвидени со унгарскиот кредит за кој досега потврдени се повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини.
Пари не добија Град Скопје, општина Сарај и Тераце, како и градот Струмица.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во Тема на денот во Централниот дневник на ТВ Сител, рече дека таа нема капацитет да реализира капитален проект, а денеска од општина Гостивар и понудија помош како да изработи проекти за да може да добие финасиски инјекции од владата.
„И честитаме на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која што, освен креирање на врева, за ништо друго не ја бива. Таа за скоро четири години власт во Скопје, освен за коалицијата со Блерим Беџети, за друго нешто не е позната во јавноста. Наместо реализација на конкретни проекти и унапредување на животот на граѓаните на Скопје, нејзиното мандатско наследство останува празно и беззначајно“, велат од Општина Гостивар за работењето на градоначалничката на Скопје.
Скопје, како главен град, како што додаваат во соопштението, заслужува модерни решенија, но за жал, како што истакнуваат, во рацете на Арсовска, секој проект се претвора во мистерија.
-Зошто не се реализира проектот „Скопје – БУС РАПИД“, за кој секој ден доцнење носи финансиски загуби за скопјани? Дали граѓаните на Скопје ќе добијат конечен одговор за пречистителната станица, која беше најавувана како стратешки приоритет, а остана само на хартија.Претпоставуваме дека нервозата на Арсовска се должи на нејзината неспособност да аплицира за средства дестинирани за општините. Тоа не е ништо ново – додека другите општини успешно ги завршуваа своите проекти, Арсовска е заглавена во административни пропусти. Затоа, како тим од општина Гостивар, нудиме помош во изработка на проекти, и тоа на волонтерска база – за доброто на граѓаните на Скопје. Не е срамота да се побара помош кога не можете сами да го направите тоа што сте ветиле, велат од општината.
Арсовска пак го нарече Мицкоски суетен и рече дека предводи Влада со „секташко ментална состојба“ откако Владата не прифати ниту еден од 20 проекти со кои Град Скопје аплицираше на повикот за помош на Општините.
Арсовска вели дека на Мицкоски суетата му е поважна од која било потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет.
„Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место“, вели Арсовска.
Градоначалничката вели дека Градот за сите 20 проекти имал целосна документација, за разлика од други Општини кои добиле пари, а не ги исполнувале условите.