Студентите на факултетите во Словачка ќе можат да учат македонски јазик откако е објавен учебник за изучување на македонски јазик за Словаци.
Станува збор за прв учебник за изучување македонски јазик во Словачка, кој е наменет за студентите на универзитетите во оваа земја, кои ќе можат факултативно да го изучуваат македонскиот јазик. Автори на учебникот се вонредните професори д-р Игор Станојоски и д-р Звонко Танески, а рецензенти се професорите Павол Жиго, Мартина Иванова, Гоце Цветановски и Снежана Петрова-Џамбазова.
Учебникот е издание на издавачката куќа „Стимул“ на Филозофскиот факултет на Универзитетот Коменски во Братислава и се состои од 195 страници, поделени во 29 поглавја кои обработуваат различни теми за изучување на македонскиот јазик. Идејата за издавање ваков учебник беше на вонредниот професор д-р Звонко Таневски, а беше поддржана од нашата Амбасада во Братислава и од амбасадорката Евгенија Илиева.
Учебникот беше претставен на приемот кој Амбасадата во Братислава го организираше по повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Словачка. Наскоро ќе се одржи и официјална промоција на учебникот пред академската заедница во Словачка.