Прво претставување на Ликовната академија од Штип во странство: Уникатен стил за љубопитните очи на софиската публика

Ликовната академија од Штип со успех го помина првиот тест пред странска публика, и тоа на пребирливата ликовна сцена во Софија

Од Софија

Стојан СИНАДИНОВ

Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечерва (18 април, четврток) беше отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.

На ова прво претставување надвор од земјава на штипската Ликовна академија, која е формирана во 2013 година во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, беа изложени дваесеттина дела насликани во периодот од 2019 до 2023 година на осуммина дипломци и студенти: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.

Кураторот на изложбата доц. д-р Иво Пецов, „посветено и прецизно“ – како што посочи деканот на штипската Ликовна академија проф. д-р Петар Намичев – избрал најкарактеристичните дела од образовно-креативниот процес на оваа млада образовно-уметничка установа за љубопитните очи на софиска публика. Со галериските формати, изработени во класичните сликарски техники – маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија – изложените дела ги претставија авторите и образовниот стил на Академијата во репрезентативно светло, нагласувајќи ја нивната уникатност во изразот.

Овие уметници и нивните досегашни дела се „вајани“ од образовниот тим на штипската Ликовна академија во кој забележително учество имале професорите Намичев, Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска, но и педагозите од странство: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија.

Посакувајќи им добредојде на присутните на првата изложба годинава во програмата на Културно-информативниот центар во Софија, амбасадорката на Северна Македонјија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, нагласи дека е големо задоволството да ги претстави ректорот на УГД Штип проф. д-р Дејан Мираковски, деканот Намичев и професорите Ефремов и Милошески.

Агнеза Руси-Поповска, Иво Пецов, Дејан Мираковски и Петар Намичев

Кураторот на изложбата д-р Иво Пецов во неговото обраќање детално го образложи осмислувањето на проектот и процесот на селекција на делата на студентите од Ликовната академија во Штип. Тој го посочи позитивното влијание на професорите од странство, како и отвореноста на изложбата кон карактерните и тематските интереси на авторите. Неговата селекција е водена од стремежот да се изберат најквалитетните творби, кои ќе ја претстават штипската Ликовна академија во најдоброто светло.

Деканот Намичев смета дека оваа презентација покажува дека иако млада, штипската Академија изнедрува квалитетни кадри, кои допрва ќе го освојуваат регионот, но и пошироката ликовна сцена. Ректорот Мираковски изрази задоволство од видените дела на изложбата која докажува дека Академијата и штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ веќе се етаблираат како значаен центар на настава и наука.

Ликовната академија од Штип со успех го помина првиот тест пред странска публика, и тоа на пребирливата ликовна сцена во Софија. Неодамна е потпишан и договорот за соработка меѓу Националната уметничка академија од Софија и штипската Ликовна академија која подразбира размена на искуства и знаења, на професори и студенти, како и заеднички изложбени проекти.

Фотографии: Силвија Костадинова

Треба да знаете
Moже да ве интересира