Според последните податоци на Евростат, големопродажната цена на путерот во Европската унија забележа значителен пораст.
Во октомври 2024 година, просечната цена на путерот во ЕУ е 786 евра за 100 килограми, што претставува годишен пораст од околу 62 отсто. Во текот на изминатата недела, цената на путерот благо падна за 0,9 отсто, но сепак е значително повисока во однос на ланските нивоа, објави хрватски Индекс.
Овој скок на цената на путерот делумно се должи на зголемените трошоци за производство, особено поради порастот на цените на енергијата и добиточната храна. Во споредба со другите млечни производи, цената на путерот покажува најголем годишен раст; помали, па дури и негативни промени во истиот период забележаа цените на обезмастеното млеко во прав и на полномасното млеко во прав.
Цените на путерот значително се разликуваат помеѓу земјите-членки и во некои земји значително отстапуваат од просекот.
На пример, во западноевропските земји како Германија и Холандија, цените на путерот достигнуваат или надминуваат 800 евра за 100 кг. Шпанија води со највисоки цени, исто така околу 800 евра за 100 кг, што укажува на голема побарувачка и производствени трошоци во тие земји. Од друга страна, во источноевропските членки, вклучувајќи ги Полска и Унгарија, цените се значително пониски и често паѓаат под просекот на ЕУ.
Хрватска е во долниот дел од ценовниот спектар на ЕУ, со просечна цена на путерот од 721 евро за 100 килограми, што е под европскиот просек. Овие релативно пониски цени во Хрватска може да се поврзат со локалната понуда и пониските трошоци во споредба со западноевропските земји.
Инаку, инфлацијата во еврозоната падна на 1,8 отсто, што е во согласност со очекувањата на економистите анкетирани од Ројтерс, откако годишната инфлација во август достигна најниско ниво во последните три години од 2,2 отсто.
Базичната инфлација, која ги исклучува попроменливите цени на енергијата, храната, алкохолот и тутунот, изнесуваше 2,7 отсто.