Апелацискиот суд на Црна Гора ја потврди пресудата против Рaдоје Звицер и уште четворица обвинети за создавање криминална организација и меѓународна трговија со дрога. Судот соопшти дека ова е првиот правосилно завршен кривичен предмет против групата предводена од Звицер.
Апелацискиот суд на Црна Гора ги одби жалбите на одбраната и на Специјалното државно обвинителство и ја потврди пресудата на Вишиот суд во Подгорица со која Рaдоје Звицер, Милан Вујотиќ, Драган Кнежевиќ, Слободан Кашќелан и Игор Божовиќ беа прогласени за виновни за формирање криминална организација и нелегално производство, поседување и пуштање во промет на наркотични дроги.
Според судската одлука, Рaдоје Звицер како организатор на групата е осуден на единствена казна затвор од 16 години. Милан Вујотиќ и Драган Кнежевиќ добија по 11 години затвор, додека Слободан Кашќелан и Игор Божовиќ се осудени на по 13 години затвор.
Од Апелацискиот суд соопштија дека станува збор за првиот правосилно завршен судски процес против криминалната организација на Рaдоје Звицер, кој со години се наоѓа во бегство.
Според пресудата, во текот на втората половина од 2020 година Звицер организирал криминална мрежа со цел меѓународно шверцување кокаин. Судот утврдил дека организацијата била формирана за дејствување на неодреден временски период, со јасна хиерархија, поделба на улоги и строга внатрешна контрола.
Во судските документи се наведува дека Звицер бил задолжен за набавка на кокаин во Еквадор и други земји од Јужна Америка, каде дрогата била купувана по цена од околу 5.000 американски долари за килограм. Потоа бил организиран нејзиниот нелегален транспорт преку прекуокеански бродови кон Холандија и други европски држави.
Судот утврдил и дека Звицер ги обезбедувал финансиските средства за набавка и транспорт на дрогата, како и дека ја одредувал распределбата на заработката и количествата кокаин што им припаѓале на членовите на организацијата.
По разгледувањето на доказите, Апелацискиот суд заклучил дека станува збор за криминална организација формирана со цел извршување повеќе кривични дела поврзани со производство, поседување и меѓународно шверцување наркотични дроги.
Рaдоје Звицер важи за една од најпознатите фигури на балканското подземје и за еден од водачите на таканаречениот „кавачки клан“, криминална група која во изминатата деценија често беше поврзувана со трговија со дрога, насилни пресметки и други тешки кривични дела низ регионот.
Во мај 2020 година Звицер преживеа атентат во Киев, Украина, кога вооружени напаѓачи отворија оган врз него додека трчал во близина на својот дом. Според тогашните извештаи, тој бил погоден со повеќе куршуми, но преживеал.
Правосилната пресуда претставува прва конечна судска одлука против криминалната организација што обвинителството ја поврзува со Рaдоје Звицер, додека истрагите и постапките поврзани со други случаи и натаму продолжуваат во повеќе земји од регионот.
