Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ретка можност: Ретроспектива на видео „отпорот“ на Тања Балаќ во Кинотека

Проекција на 10 видео-уметнички дела на македонската уметница Тања  Балаќ, по повод 10 години создавање на полето на видеоуметноста, ќе се одржи во Кинотеката на Македонија, на 19 септември (20 часот).

Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму. Имено, кон крајот на првата деценија на 21 век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста. Овие дела  ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера  на интерес како уметник е – човекот, кој и` е бескрајна инспирација.

Иако сликарството и` е прва љубов и најсигурно се чувствува во своето ателје, процес што е испреплетен со безброј внатрешни дијалози и преиспитувања, Балаќ ужива и во процесот на создавање на експериментален  филм и видео, но е децидна во ставот дека во ерата на сеприсутност на дигиталната слика за визуелните уметници е исклучително важно да не ѝ дозволат на технологијата да ги „заведе“ со сите нејзини можности.

Почетоците во видеото како медиум Балаќ ги прави со видеоинсталациите „Граѓани 1“ (2014 г.) и „Граѓани 2“ (2015 г.) Првата, во времетрање од 4,5 минути, дава поглед на општествено- ангажираната уметност во јавниот простор и го отвора и прашањето дали екранот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може воедно да биде и средство за уметничко изразување. Прикажани се галерија ликови, 65 граѓани од различна возрасна, социјална, верска, полова структура, како документ на едно време. Всушност, луѓето со кои секојдневно се сретнуваме, комуницираме, разминуваме, одбегнуваме, а за кои ништо не знаеме, или можеби немаме време да дознаеме.Директор на фотографија е Боро Рудиќ. Експерименталниот филм „Граѓани“  влезе во официјалната селекција на фестивалот „Интернешнал арт експо – фјучр ајдентитис – Бодис. Плејсис. Спејсис.“ во Венеција. И вториот дел со идентичен наслов- „Граѓани 2“, се занимава со истата проблематика.

Наредната година го создава видеото „Без приватност“ (2016 г.), кое е експериметално видео и обид да се допре една тема која не засега сите, а која укажува на комплицираноста  да се мапира просторот на новонастанатата интернет дистопија и прашањето зза недостиг на приватност . Веднаш потоа и „Раѓањето на нацијата“  ( 2016 г.), кое директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Ова видео, под кураторство на Алесандра Чианети и Ани Јаел Кван (Англија),  ја употребува камерата како „окото на гледачот“, која не случајно ја позиционира бремената жена во центарот на сликата, каде што бавното движење, квалитетот и тонот на осветлувањето, функционираат заедно за да предизвикаат еден сликарски сензибилитет, не многу поразличен од онаа елеганција присутна во фламанската мртва природа. Храбро наметнатата графичка сликана директорот на фотогрфија Атанас Велковски , исто така повикува на многу други канонични – иконични слики.

Видеото „Црвена земја“ (2017 г.) има минималистички пристап како свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот што нѐ опкружува самите, туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него.  Данкан Хигинс уметник и професор по визуелна уметност на универзитетот „Нотингем Трент“, Велика Британија и универзитетот „Берген“, Норвешка, за ова дело на Балаќ вели дека истражува и нуди серија од мноштво отворени интерпретации, предизвикувајќи длабока тензичност во можностите, гестовите и движењата во оваа визуелна творба.

Следува ,, Извртена перцепција“ (Perceptio Inversa) (2018 г.), кое може да се поврзе со почетоците на големата бегалска криза, по што го создава видеото „Меморабилија“ (2019 г.), кое ја доби наградата за најдобро експериментално дело истата година од „Вест Вирџинија маунтениер фестивал“, фестивал за краток филм во САД, беше селектирано за учество уште на два големи фестивали, на Фирентинското биенале и на фестивал во Јужна Кореја.  Во видеото се појавува балерината Саша Ефтимова, а музиката е на светски познатиот композитор Марио Батковиќ од Бања Лука. Анимациите во филмот се изведени од слики на уметницата. Кирил Шентевски е кинематографер на видеото. Звучните ефекти, кои придодаваат кон целокупната нарација, ја раскажуваат нејзината индивидуална поезија, која, сама по себе, ни остава силна сензорна импресија.  Балаќ од нејзините слики го ослободува предметот во „коцката“, во која поединецот е послободен одошто е во отворениот свет, во светот во кој предметот би можел да се залепи за слободата. Таа нуди еден двонасочен процес на заловување – кој самиот ги насликува сопствените контури на лична траекторија, тоа е пат на симболичната слобода и на постоењето, сеприсуство што опстојува во замислениот свет на слободата( Натали Р.Павлеска)

Веќе наредата година се појавува филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.), кој е селектиран на португалскиот филмски фестивал „Анархи филм фестивал“ што ги обединува најдобрите филмови создадени од таленти низ целиот свет и ги прикажува пред меѓународната публика. Филмот премиерно е претставен на уште два филмски фестивали, „Фејс филм онлајн филм фестивал“, чија филмска програма е претставена во три европски градови: Брадфорд, Лисабон и Манчестер.  Во ова дело Балаќ креира една поинаква приказна, која отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Видеозаписот пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот. Директор на фотографијата на филмот „Заглавени заедно“ е Кирил Шентевски, светлото е на Мартин Димитријев, асистент на камера е Сергеј Сарчевски.

Видеото „Следната генерација“ (2022 г.) пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики (Натали Р.Павлеска). За видеопроектот „Следна генерација“, Балаќ освои Гран при на 20. „Зимски салон“ (2024 г.), кој традиционално го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Зад одлуката стои кураторката на „Зимскиот салон“, Оксана Карповец од Украина, која ја зададе темата „Интимност и меѓусебна поврзаност“ на ова јубилејно издание. „Овој проект, кој е уште една силна критика на реалноста, поставувајќи го прашањето за суштината на реалноста во дигиталниот свет, изобилува со нагласена симболика за еден хаотичен свет преку говорот во прво лице во очите на едно дете, мултиплицирано, клонирано, со затворени очи во една заднинска хаотична мрежа на поврзувања, Маклуановски шум на информации, црно-бела подвоеност, пикселизација, срцебиење…“ (Маја Чанкуловска),

Видеоинсталација  „Вкрстени знаци“ (2023 г.) е оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов. Филмот беше селектиран од огромниот број пристигнати дела од страна на стручното жири во рамките на 13. издание на интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седумминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт“, меѓународен фестивал на видеоарт на кој во изминатите години учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 различни земји од светот. На границата и на преминот од сликарството кон ангажираниот документарен филм, но и кон уметничкиот видеоарт, може да се толкува последното остварување на Балаќ, филмот „ Вкрстени знаци“, дело што е во непосредна творечка и имагинативна врска и со нејзините претходни документаристички и видеоарт остварувања. „Овој филм  отвора и едно многу поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено, што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот?“ (Ивица Џепаровски).

Филмот „Луцидни соништа“ (2024 г.), кој е со најнов датум, претставува заокружување или свовиден сублимат на целокупната ангажираност на уметницата во сферата на видео-уметноста и нејзината активна улога во истражувањето на полето на новите медиуми (инсталации, експериментални, документарни филмови, видеоарт…).Анимацијата и монатазата се на младиот Емил Пачковски, со кого и претходно  работеа,  а музиката за ова видео е во соработка со познатиот холандски музичар Рутгер Зујдервелт.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка.

Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Остварила повеќе самостојни изложби: ;Минатата година изложбата ;Раселени,,беше претставена во Советот на Европа во Стразбур,  „Просторни дистанци“ во 2020 г. во Галеријата на македонската амбасада во Виена, „Невидлива изложеност“ во галерија „Прогрес“ во Белград во 2019 г., „1800К“ со Омер Калеши во Галерија на македонската амбасада во Париз во 2017 г., „Црвена земја“, „Раѓање на нација“ – проекции на експерименталните филмви и изложба на фотографии во ОКК Галерија – Берлин, Германија, истата година, во 2013 г. „Просторни дистанци“ во галеријата „Љубљански град“во Љубљана, , како и многу други самостојни претставувања во Истанбул,Берлин, Софија,Темишвар, Малме, Марибор, Загреб, Дубровник Москва, Париз…

Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Хрватска ,Бугарија, Србија, Русија, Шведска… Исто така, нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Дел од нив се здобија со меѓународни награди како што е 4-та награда за експериментален филм на Биеналето во Фиренца за филмот „Меморабилија“ во 2019 г., во истата година и 1-ва награда на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД; во 2020 награда на „Анархи филм фестивал“ во Манчестер, Велика Британија за филмот „Заглавени заедно“…

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново