Режисерот Морфов доби отказ од Народниот театар во Софија, интелектуалците потпишуваат петиција за оставка на директорот

Театарскиот режисер Александар Морфов, кој неодамна се судри со директорот на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, Васил Василев, околу забраната за македонската актерка Билјана Драгичевиќ-Пројковска да гостува во претставата „Животот е убав“, добил отказ!

Ова го објави неговата сопруга Рени Врангова на својот Фејсбук профил.

-Александар Морфов е официјално разрешен по дисциплинска основа. Да живее Александар Морфов!, напиша Врангова.

-Пријателите ми кажаа дека некаде прочитале за ова, немам поим. Одамна очекував да бидам отпуштен од директорот Васил Василев, поради јасната нетрпеливост помеѓу креативната и административната идеја за управување со театарот. Укинувањето на позицијата „главен режисер“ значи дека ќе бидам сменет и отпуштен од театарот, изјави во понеделникот Александар Морфов.

Народен театар „Иван Вазов“

Тој изјави дека не знаел дека новата раководна структура на театарот подготвува административно укинување на неговата позиција како главен режисер. Но, заради перманентниот судир со адмистративното раководство на НТ „Иван Вазов“, Морфов одамна очекувал негова смена.

Скандалот во Народниот театар „Иван Вазов“ започна на 29 октомври минатата година, кога по изведбата на „Х’шове“ („Прогонети бунтовници“) режисерот Александар Морфов ја изгребал вратата од канцеларијата и го изгребал натписот со името на Велислава Крастева, раководител на односи со јавноста во театарот. Крастева била долгогошен портпарол на партијата ДПС на Ахмед Доган и пратеничка во бугарското Собрание во два мандати, а од минатото лето била назначена на споменатата позиција во Народниот театар.

Крастева повикала полиција која документирала дека вратата од нејзината канцеларија била исчкртана со написите „ДПС“, „Исчезни“ и „Односи со јавноста на Ахмед Доган“, и изјавила дека ќе го тужи насилникот кога ќе биде откриен од полицијата.

Во Софија од понеделникот се потпишува петиција за оставка на директорот на Народниот театар Васил Василев – вака актерот Валери Јорданов ги објасни собраните потписи од интелектуалци, адвокати и припадници на други професии, обични луѓе и гледачи, кои ќе бидат доставени до Министерството за култура до крајот на неделава.

Граѓанското движење против режисерот Василев беше формирано само ден откако беше обелоденето дека тој има намера да го смени моделот на управување во театарот.

Вчера, пак, беше објавено дека Крастева ја напушта функцијата во театарот.

Од 1 март повеќе не сум дел од тимот на ТВ Иван Вазов. Ми беше чест, најавила Крастева.

Треба да знаете
Moже да ве интересира