Гувернерот на државата Рио де Жанеиро, Клаудио Кастро вети дека ќе возврати на организираниот криминал откако паравоените припадници на криминалните банди извршија невиден напад врз системот за јавен превоз во Рио, при што беа запалени десетици возила во како што оцени, „терористички акти“.
Тие, наводно, вчера запалиле најмалку 36 автобуси, четири камиони и воз, во она што локалните медиуми го опишаа како едно од најголемите злосторства во историјата на Рио де Женеиро, објави Гардијан. Нападите, наводно, биле во знак на одмазда за убиството на високиот паравоен лидер по име Матеус да Силва Резенде, кој бил ликвидиран од специјалните полициски сили.
– Тој беше познат како „Господар на војната“, рече синоќа десничарскиот гувернер на Рио на вонредна прес-конференција, додека безбедносните сили и пожарникарите се обидуваа да одговорат на бранот напади низ западниот дел на Рио де Женеиро.
Ерупцијата на насилство, драматична дури и за земја која со децении се бори со криминал кој одзима илјадници животи секоја година, доведе до заклучување делови од најпознатиот бразилски град и најмалку 45 училишта беа затворени, погодувајќи илјадници ученици.
Весникот „Глобо“ објави дека „Рио е под опсада“. Градското собрание ги повика граѓаните да ги избегнуваат погодените подрачја.