Прославата на 35 години независност на Македонија чинела околу 340 милиони денари, односно 5,53 милиони евра, потврди денеска владината портпаролка Марија Митева. Од сумата, 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија, а околу 40 милиони денари биле донации од компании.
Митева сепак остана на ставот дека за прославата не биле потрошени буџетски средства и дека трошокот не паднал директно на товар на Буџетот.
„За реализацијата на настаните за прославата на 35 години независност на државата не се потрошени буџетски средства“, рече Митева. Таа објасни дека 300-те милиони денари се средства од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година.
Државна лотарија е компанија во целосна државна сопственост. Владата на седницата од 28 април ѝ ја доверила организацијата на прославата, а два дена подоцна Лотарија објавила јавен повик за реализација на спонзорирани настани. Постапката не се водела преку системот за јавни набавки, туку според Законот за спонзорства и донации.
На повикот била избрана компанијата „Стардаст“, поврзана со „Авалон продукција“. Митева денеска изјави дека „Авалон“ бил носител на организацијата, додека „Стардаст“ бил правниот субјект преку кој се реализирало спонзорството.
Прашањето колку чини прославата се отвори откако премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Буџетот и граѓаните за настаните платиле „нула денари“ и дека тие биле организирани од општествено одговорни компании. Подоцна беше објавено дека главниот дел од средствата доаѓа од добивката на Државна лотарија.
Програмата за 35 години независност траеше од 2 август до 8 септември и опфати повеќе настани низ Македонија, меѓу кои настапи на Стив Аоки и Дејвид Гета и серијата концерти „Силно светнал ден“.
Со денешната прес-конференција за првпат официјално беше соопштена вкупната финансиска рамка од околу 340 милиони денари.

