Парите не биле од Буџетот, туку од компанија што е целосно во државна сопственост. Вака директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, ја објасни разликата околу 300 милиони денари, речиси 4,9 милиони евра, издвоени од добивката на Лотарија за прославата на 35 години независност на Македонија.
Климовски на денешната прес-конференција рече дека Државна лотарија има посебен правен субјективитет и дека средствата на нејзината сметка не се буџетски сè додека не бидат уплатени во државниот трезор.
„Парите ќе станат буџетски кога низ одредена процедура и одредени одлуки ќе дојдеме до точка да ги уплатиме во трезорската сметка. Сè додека не дојде до уплата на парите – тие не се буџетски“, рече Климовски.
Неговото образложение е дека Владата во овој случај настапува како акционер, а не како орган што располага со буџетски средства. Државна лотарија, сепак, е акционерско друштво основано од државата, а официјалните финансиски документи покажуваат дека Владата е сопственик на 100 проценти од акциите.
Практично, спорот се сведува на статусот на парите во моментот кога биле потрошени. Формално тие не биле дел од Буџетот бидејќи останале средства на Државна лотарија. Но станува збор за добивка на компанија во целосна државна сопственост, од која државата како единствен акционер може да донесе одлука за исплата на дивиденда.
Тоа не е само теоретска можност. Во официјалната Ревидирана фискална стратегија Министерството за финансии наведува дека Државна лотарија и други компании во државна сопственост уплаќаат дел од добивката како дивиденда во Буџетот и дека тие средства претставуваат буџетски приходи.
На прес-конференцијата и владината портпаролка Марија Митева ја бранеше истата разлика. Таа рече дека 300 милиони денари се пари од добивката на Лотарија за 2024 година, а не средства претходно издвоени од државниот буџет.
Прашањето за финансирањето се отвори откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека прославата ги чинела граѓаните и Буџетот „нула денари“ и дека била платена од општествено одговорни компании. Подоцна беше објавено дека Владата уште на 28 април ѝ ја доверила организацијата на прославата на Државна лотарија.
Два дена подоцна Лотарија распишала јавен повик за реализација на спонзорирани настани според Законот за спонзорства и донации, а не преку системот за јавни набавки.
Оттука, правната формулација на Климовски е дека 300-те милиони денари не биле „буџетски“. Она што останува неспорно е дека парите потекнуваат од добивката на компанија чиј единствен сопственик е државата.

