Почина фудбалски судија кој беше отстранет од листата на ФИФА по обвинувања за злоупотреба

Foto: EPA

Холандскиот фудбалски судија Роб Диперинк почина на 38 годишна возраст, само неколку недели откако ФИФА го отстрани од листата на судии за Светското првенство 2026 поради обвинувања за сексуална злоупотреба. Веста ја потврди Холандската фудбалска федерација, која изрази сочувство до неговото семејство и колегите. Причината за смртта засега не е соопштена.

Диперинк беше уапсен во април во Велика Британија по пријава за наводен сексуален напад врз малолетно лице. Поради истрагата, ФИФА го отстрани од списокот на арбитри за Мундијалот, иако тој тврдеше дека е невин и целосно соработувал со истражните органи. Подоцна британската полиција ја затвори истрагата, наведувајќи дека нема доволно докази за понатамошна постапка.

Во текот на својата кариера, Диперинк беше еден од најценетите холандски судии. Судеше натпревари во најсилната холандска лига, а беше и дел од елитната група судии на УЕФА и ФИФА. Работеше и како ВАР судија на големи меѓународни натпреварувања, а ова лето требаше да дебитира како главен судија на Светско првенство.

Холандската фудбалска федерација во соопштението наведе дека е шокирана од ненадејната смрт на Диперинк и истакна дека тој оставил значајна трага во холандското судење. Колеги и фудбалски организации упатија пораки со сочувство, нагласувајќи го неговиот професионален придонес во спортот.

Смртта на Диперинк доаѓа во период кога случајот околу обвинувањата сè уште привлекуваше внимание во спортската јавност. Иако истрагата беше затворена без покренување обвинение, неговото отстранување од списокот на ФИФА значеше дека нема да биде дел од судискиот тим на Светското првенство 2026.

Најчитано