САД погодија 140 цели во Иран, Техеран повторно го затвори Ормускиот Теснец

Американските сили погодија околу 140 воени цели во Иран во третата рунда напади извршени во текот на оваа недела, соопшти Централната команда на САД – ЦЕНТКОМ.

Во нападите биле употребени прецизно наведувани проектили и оружје лансирано од борбени авиони, беспилотни летала и воени бродови. Меѓу погодените цели биле позиции за ракети и дронови, поморски капацитети, складишта за муниција, комуникациски мрежи и крајбрежни системи за надзор.

Според ЦЕНТКОМ, во текот на трите ноќи американските сили погодиле повеќе од 300 цели во Иран. Вашингтон тврди дека операциите имаат цел да ја намалат способноста на иранските сили да напаѓаат цивилни морнари и трговски бродови што минуваат низ Ормускиот Теснец.

Непосреден повод за последната рунда напади бил нападот врз бродот „МВ ГФС Галакси“, товарен брод под кипарско знаме. Американската страна соопшти дека бродот претрпел сериозно оштетување во машинскиот простор и дека еден член на екипажот се води како исчезнат.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека бродот се движел по неодобрена маршрута и дека бил погоден откако не ги почитувал иранските поморски инструкции. Техеран повторно прогласи затворање на Ормускиот Теснец и предупреди дека секој нов американски напад ќе добие силен одговор.

ЦЕНТКОМ тврди дека, и покрај судирите, трговските бродови продолжуваат да минуваат низ теснецот. Според американската команда, од почетокот на мај бил овозможен премин на повеќе од 800 трговски бродови кои превезувале околу 400 милиони барели сурова нафта.

Новата размена на напади следува по распадот на примирјето меѓу Вашингтон и Техеран. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорите за безбедно движење на трговските бродови низ еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта и гас

Најчитано