Санџак Курт е нов генерален директор на „Лимак Скопје“

Групацијата „Лимак“ го назначи Санџак Курт за нов генерален директор на „Лимак Скопје“. Тој доаѓа на местото на Куртхан Апајдин, кој по повеќегодишното раководење со компанијата и реализацијата на проектот „Дајмонд оф Скопје“ го продолжува професионалниот ангажман со нов кариерен предизвик.

Курт е дипломиран градежен инженер на Универзитетот „Мустафа Кемал“ во Турција, а професионалната кариера ја започнал во „Лимак“ како практикант во 2005 година. Во изминатите две децении извршувал повеќе инженерски и раководни функции во инфраструктурни, енергетски и градежни проекти во Турција, Албанија, Македонија и Саудиска Арабија.

Меѓу проектите на кои бил ангажиран се изградбата на тунелите во рамките на проектот НЕОМ во Саудиска Арабија, хидроенергетските објекти Киразлик, Алкумру, Јусуфели, Татар и Узунчајир во Турција, браните и хидроелектраните Бања и Моглице во Албанија, крајбрежниот пат покрај Црното Море и метро-линијата Тандоган-Кечиорен во Анкара.

Во периодот од 2022 до 2023 година Курт веќе работел во Македонија, како менаџер за изградба на комплексот „Дајмонд оф Скопје“. Проектот опфаќа трговски центар, хотел со пет ѕвезди, четири станбени кули и деловен простор во центарот на Скопје.

Пред назначувањето во „Лимак Скопје“, Курт бил виш проектен менаџер на НЕОМ, каде што раководел со тунелски, ископни и геотехнички активности. За работата на проектот го добил признанието „Менаџер на годината за НЕОМ – Тројена“.

Од компанијата наведуваат дека промената во раководството треба да обезбеди континуитет во управувањето, натамошен развој на инвестициите и проширување на долгорочните партнерства на „Лимак Скопје“.

Најчитано