СДСМ ја нападна платформата „12:05“, Деспотовски и Шилегов ги нарече квислинзи

Во острата партиска реакција, СДСМ ги нарече Јован Деспотовски и Петре Шилегов „квислинзи од редовите на СДСМ“ и оцени дека новата иницијатива претставува продолжение на обидите за слабеење и поделба на најголемата опозициска партија.

Оттаму тврдат дека Деспотовски и Шилегов претходно биле промотори на проект што го нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, а новата платформа ја претставуваат како уште една конструкција на власта за ситнење на опозициските гласови.

Од СДСМ дополнително реагираат на тоа што првата средба се одржала зад затворени врати, според правилата на Чатам хаус, кои овозможуваат информациите од разговорите да се користат без откривање кој конкретно ги изнел.

Партијата оценува дека иницијативата нема јасно именуван организатор, формална структура или целосно објавен состав. Посочуваат и дека, иако средбата била најавена како разговор за обединување на опозицијата, еден од главните заклучоци бил критика кон актуелното раководство на СДСМ.

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ беше промовирана како простор за подигнување на нивото на јавната дебата и создавање широк опозициски потенцијал. Симболиката на името, според организаторите, е дека за Македонија веќе е доцна, но не смее да се дозволи да стане предоцна.

Средбата ја модерираше поранешниот пратеник на СДСМ и универзитетски професор Игор Ивановски. На неа присуствувале дваесетина поранешни и актуелни функционери, професори, адвокати и граѓански активисти.

Меѓу присутните беа поранешни функционери на СДСМ, како Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ и Александар Бајдевски, актуелната пратеничка Славјанка Петровска, претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, како и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митревски. На дебатата учествувале и професори, адвокати и поранешни директори поврзани со социјалдемократскиот политички простор.

Учесниците порачале дека проблемот на опозицијата не треба да се решава со формирање нови партии, туку преку суштинска идеолошка и вредносна промена. Според нив, потребен е нов општествен договор кој ќе овозможи создавање поширок опозициски фронт и посилна политичка алтернатива.

СДСМ, пак, оценува дека единствената вистинска опозиција во земјата се партијата и граѓаните обединети околу нејзиниот „Фронт за вистина и правда“. Сè што се создава надвор од таа рамка, според партиското соопштение, е политички проект со цел да се ослабне опозицијата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, уште по одржувањето на првата средба ја нарече иницијативата „фејк“, додека од платформата инсистираат дека целта не е формирање нова партија, туку отворање простор за критичка дебата ослободена од влијанието на партиските раководства.

Новата политичка конфронтација покажува дека борбата за опозицискиот простор повеќе не се води само меѓу СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, туку и внатре во поширокиот социјалдемократски блок.

Останува отворено дали „Разговори за иднината во 12:05“ ќе остане неформален форум или постепено ќе прерасне во организирано политичко движење. Засега, иницијативата нема објавено намера за формирање партија или самостоен изборен настап.

Најчитано