СДСМ: Мицкоски дели и на Илинден

Филипче

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека и празничното обраќање за Илинден го искористил за политички пресметки и етикетирање на критичарите на власта.

Реакцијата следува по говорот на Мицкоски во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, каде што премиерот порача дека битката на сегашната генерација е да ги победи „омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“. Во обраќањето тој ги повика граѓаните да не веруваат во, како што рече, „талогот од неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно“.

Од СДСМ оценуваат дека со ваквиот речник Мицкоски ги етикетира сите што не се согласуваат со неговите политики, ја критикуваат Владата или бараат одговорност од институциите.

„Кој е тој ‘талог’ според Мицкоски? Сите што не мислат како него. Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност“, се наведува во партиското соопштение.

Според опозициската партија, на денот кога треба да се испратат пораки за државност, заедништво и заедничка иднина, премиерот повторно употребил реторика што ги продлабочува политичките и општествените поделби.

„Ова не е патриотизам, туку политичка омраза облечена во празничен говор“, порачаа од СДСМ, додавајќи дека Мицкоски не може да се претставува како премиер на сите граѓани додека користи навредливи квалификации за своите неистомисленици.

Во истиот говор, Мицкоски повика и на обединување околу целите што се поголеми од политичките партии, функциите и мандатите, наведувајќи дека Македонија никогаш не победувала кога била поделена.

СДСМ, сепак, смета дека повикот за единство е спротивен на речникот што премиерот го користел во други делови од обраќањето и дека празникот повторно бил претворен во простор за партиска конфронтација.

Најчитано