СДСМ: Се продаваат становите на Груевски, милијардите се надвор

СДСМ

Становите на Груевски, вредни неколку милиони евра, повторно се нудат на продажба од државата, додека поранешниот премиер Никола Груевски живее во Будимпешта наместо да ја издржува затворската казна во Идризово, соопшти СДСМ. Од партијата обвинуваат дека тоа се случува во време кога граѓаните се соочуваат со долгови и минимална плата од околу 400 евра.

Според СДСМ, на продажба се нудат станови и друг имот во вредност од неколку милиони евра, додека Груевски и неговото семејство, како што тврди партијата, располагаат со имот и средства во вредност од над две милијарди евра.

Од СДСМ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека и натаму го слави Груевски и дека не бара негова екстрадиција, ниту ја осудува неговата политика, која опозициската партија ја опишува како политика на страв и системска кражба на државата.

Партијата наведува дека со месеци нема одговор на прашањето дали се испратени потребните документи за испорачување на Груевски во Македонија.

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека продолжува по стапките на својот политички ментор, преку носење скапи часовници, набавка на владин авион и одржување култура на недопирливост и лично богатење на грбот на граѓаните.

Во соопштението се потсетува на мерцедесот вреден 650.000 евра, очилата од 60.000 евра и луксузот што се поврзуваше со владеењето на Груевски. Според СДСМ, истите појави денес се гледаат и кај Мицкоски, но во понова и поагресивна форма.

Од партијата оценуваат дека ова не е минато, туку сегашност на ВМРО-ДПМНЕ, додека граѓаните се борат да преживеат, а луѓето што ги обвинуваат за криминал од минатото и нивните политички наследници и натаму се движат слободно.

СДСМ тврди дека имотот на Груевски во Македонија е само мал дел од неговото богатство и дека вистинската сума, поголема од две милијарди евра, се наоѓа надвор од земјата.

Наместо Груевски да биде екстрадиран, да одговара за изгубените години на цела генерација Македонци и да се конфискуваат имотот и парите за кои зборува СДСМ, Владата, според партијата, продава само неколку станови.

Од СДСМ порачаа дека граѓаните не забораваат и не простуваат и најавија дека доаѓа време на отчетност и правда, како и период во кој државата повторно ќе им припадне на граѓаните.

Партијата соопшти дека „Фронтот за вистина и правда“ ќе се погрижи да одговараат Груевски, како и сите негови политички ученици и продолжувачи.

Најчитано