Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид денеска на завршната прес-конференција на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ посочи дека одлуките кои беа донесени од земјите-членки во Скопје ќе овозможат успешно продолжување на работата на Организацијата – овозможување стабилност, сигурност, човекови права и фундаменталната слобода на луѓето.
– Јас ќе ја сработам својата задача како генерална секретарка исто како и моите колеги од останатите три институции, бидејќи ова не е за нас, туку за луѓето. Ние сме тука да ја пренесеме целта на Организацијата. ОБСЕ денес е успешна организација. Предизвик е во моменталните услови да се најде заеднички јазик за секоја тема, но нашата Организација се темели на принципи и вредности речиси 50 години, рече Шмид.
Како што посочи, целта на Организацијата не е само да се адресираат моменталните предизвици, туку да се повикаат сите учесници на одговорност. Ова, потенцира Шмид, го потврди и претседавачот Бујар Османи изминативе два дена.
Таа подвлече дека сите 57 земји членки одлучија да ја изберат Малта за иден претседавач, и токму ова ќе го овозможи континуитетот кој ни е потребен да се задржи Организацијата.
– Јас како генерална секретарка на ОБСЕ ја поддржувам одлуката за идниот претседавач, додаде Шмид.
Таа се осврна и на мотото кое беше избрано оваа година – „За луѓето“ и посочи дека истото е многу соодветно и одговара на работата која ја извршува ОБСЕ.
– Се она што го работиме, дали е тоа работата во однос на спречување на корупција и организираниот криминал, мониторирање на изборите или зголемување на безбедноста, нешто што неуморно го работиме и ги адресираме овие проблеми до граѓаните, ние исто така се залагаме за безбедноста на жените новинарки, се загаламе за основните човекови права, и сето тоа е само за една цел, а тоа е поддршка на луѓето – и на мажите и на жените, посочи Шмид.
Таа потенцираше дека Малта игра важна улога во задржување на мирот и безбедноста и верува дека ќе ги примени иститите вештини во нејзиното лидерство како претседавач следната година.
– Со нетрпение очекувам да работам со вас и вашиот тим и вие може да да сметате на нас, рече Шмид на заедничката прес-конференцијата со новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта и со сегашниот претседавач Бујар Османи.