Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Штипскиот Народен театар со претставата „Лекција“ на престижниот фестивал БИТЕФ во Белград

Актерите од Народниот театар-Штип (НТШ) со претставата „Лекција“ утревечер во 20 часот ќе настапат на сцената на Белградски интернационален театарски фестивал (БИТЕФ) во Белград во рамките на „Месецот на независна сцена“.

Актерот на НТШ, Милорад Ангелов, истакна дека ова е голем успех за штипскиот театар, како и за невладината „Moton Network“, во чија продукција е претставата „Лекција“, работена според текстови на Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризевски.

-Знаеме дека БИТЕФ е еден од најголемите театарски настани коишто се случуваат во југоисточна Европа. Ова е голем успех за претставата, голем успех за штипскиот Народен театар, се надевам и дека оваа соработка нема да престане и дека оваа претстава ќе има понатаму свој живот, вели Ангелов.

Посочува дека со оваа претстава конкурирале и на неколку театарски фестивали, а еден од позначајните фестивали е во Романија. Тој ја покани публиката во Белград да дојдат и да ја видат претставата „Лекција“ утревечер со почеток во 20 часот на сцената на БИТЕФ.

Претставата „Лекција“ е во режија на Ѓорѓи Ризевски, по текст на Ежен Јонеско, а преводот е на Калиопа Петрушевска.

Во неа улогите ги играат Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска и Милорад Ангелов. Кореограф на претставата е Бојан Мицев, музиката е на Антонио Ристески и фотографиите на Александар Врзалски.

Најново