Неколку млади штркови што паднале од своите гнезда за време на силното невреме во Штипско и Кочанско биле згрижени од вработени во Општина Чешиново-Облешево.
Птиците добиваат храна, вода и соодветна нега додека целосно не закрепнат и повторно не бидат способни самостојно да се вратат во природата.
Од Општината информирале дека два од младите штркови веќе се подготвени повторно да полетаат. За останатите ќе продолжи грижата додека не зајакнат доволно за да му се приклучат на јатото.
Градоначалникот Јорданче Костадинов најавил иницијатива во иднина да биде изграден центар за згрижување штркови и други заштитени птици, со цел да се обезбеди посоодветна грижа при повреди и природни непогоди.
Силното невреме во источниот дел од Македонија предизвика материјална штета и собори повеќе гнезда, но интервенцијата на вработените спречила младите птици да останат без заштита и храна.
