Силно невреме проследено со пороен дожд, град, грмежи и засилен ветер го зафати Скопје попладнево, само неколку часа по предупредувањето за нагла дестабилизација на времето.
За кратко време небото над главниот град целосно се затемни, а интензивниот дожд создаде големи количества вода на повеќе улици. Сообраќајот се одвива отежнато и забавено поради намалената видливост и водата на коловозите.
На видеоснимките од невремето може да се забележат силни врнежи, налети на ветер и улици покриени со вода. Во одделни делови од Скопската Котлина беше регистрирана и појава на град.
Засега нема официјални информации за повредени лица или за поголема материјална штета. Надлежните служби се очекува дополнително да информираат за последиците од невремето и евентуалните интервенции на терен.
Управата за хидрометеоролошки работи претходно предупреди дека попладнево во делови од Скопје ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и град.
Нестабилност денеска беше регистрирана и во повеќе други делови од Македонија, меѓу кои Полошкиот Регион, Велешко, Штипско, Светиниколско, Кичевско и Демирхисарско.
Променливото време ќе продолжи и во следните денови. До сабота локално се очекуваат поројни врнежи, електрични празнења, силен ветер со брзина над 60 километри на час и услови за појава на град.
Граѓаните се повикуваат да не престојуваат на отворено за време на грмежи, да избегнуваат осамени дрвја и метални конструкции и внимателно да се движат по поплавените улици.
Ги повикуваме граѓаните да ни испратат свои видеа и фотографии од штетите на info@racin.mk или да не тагнат на социјалните мрежи
