Судот во Виена ќе изрече пресуда за поранешниот австриски канцелар Курц

 Суд во Виена денеска треба да ја изрече пресудата за поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој беше обвинет за лажни изјави за време на парламентарната истрага за наводна корупција во неговата прва влада.

Курц, некогаш ѕвезда во подем помеѓу конзервативците во Европа, поднесе оставка во 2021 година по отворањето на посебна истрага за корупција и оттогаш ја напушти политиката.

Сепак, неговата Австриска народна партија (ОВП) сè уште ја води Владата под актуелниот канцелар Карл Нојхамер. Партијата се соочува со национални избори оваа година и според анкетите се соочува со мал рејтинг.

Курц ги демантира обвиненијата, истакнувајќи дела истрагата била под влијание на политиката. Ако Курц биде прогласен за виновен се соочува со три години затвор.

Судењето, што почна во октомври минатата година, се фокусира на сведочењето на поранешниот канцелар во истрагата за коалицијата што тој ја водеше од 2017 година, кога конзервативната ОВП формираше влада со екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО), до распадот на коалицијата во 2019 година.

Курц (37) е обвинет за лажно сведочење во јуни 2020 година поради неговата улога во формирањето на холдингот „ОеБАГ“, кој управува со улогата на државата во некои компании, и назначувањето на неговиот поранешен близок соработник Томас Шмид за шеф на компанијата.

Обвинителите се повикуваат на потенцијално инкриминирачките пораки пронајдени на телефонот на Шмид, кој соработуваше со Обвинителството.

Курц рече дека истрагата е под влијание на политиката.

Првпат по повеќе од 30 години во Австрија му се суди на поранешен канцелар. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира