Во Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар почна реконструкција на фасадата и целосна замена на внатрешното осветлување, соопшти градоначалникот Горан Герасимовски по увидот во градежните работи.
Проектот се финансира преку заем од Светска банка и е насочен кон подобрување на енергетската ефикасност на објектот, намалување на потрошувачката на електрична енергија и обезбедување подобри услови за учениците и наставниот кадар.
„На 190-годишнината од постоењето на ООУ ‘Св. Кирил и Методиј’ инвестираме во негова целосна енергетска обнова. Новата енергетски ефикасна фасада и LED осветлувањето ќе придонесат за помали сметки за електрична енергија, подобри услови за учениците и наставниот кадар и поздрава средина“, изјави Герасимовски.
Со реконструкцијата е предвидено поставување камена волна на површина од околу 2.000 квадратни метри, како и стиродур околу прозорците и вратите, со што треба да се подобри топлинската изолација на училиштето.
Фасадата ќе добие декоративен малтер и ново колористичко решение. Челичните решетки на објектот ќе бидат демонтирани, прилагодени, бојадисани и повторно поставени, додека на покривот ќе се изведат нови лимени опшивки и ветерлајсни.
Паралелно со фасадата се заменува и целокупното внатрешно осветлување. Околу 300 постојни светилки ќе бидат заменети со нови LED светилки, кои треба да ја намалат потрошувачката на електрична енергија.
„Во овој период наш приоритет се реконструкциите и санациите во сите училишта во Центар, затоа што вложувањето во образованието е вложување во иднината“, рече Герасимовски.
Според најавената динамика, главниот дел од фасадата треба да биде завршен до септември, пред почетокот на новата учебна година.
