Светска премиера на грчко-македонската копродукција „Киука – Пред летото да заврши“ на Костис Харамуданис во Кан

„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, светската премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал, како дел од 32. издание на програмата ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм), што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.

Лист Продукција е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.

„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе отпочне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.

Програмата на ACID на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филмови, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.

Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека пост-продукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.

Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.

Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за пост-подукција Аудио Хаус и Слобода филм.

Треба да знаете
Moже да ве интересира