Силни бури со пороен дожд, град, грмежи и ветер ја зафатија Грција, предизвикувајќи поплавени улици, паднати дрвја и материјална штета во повеќе региони.
Над морето меѓу Ситонија и Света Гора биле забележани три водени пијавици. Туристите и капачите ги напуштале плажите во Халкидики, но според грчката државна телевизија ЕРТ, морските вртлози не предизвикале штета.
Во Фтиотида силниот ветер откорнал покрив во Макракоми, додека обилните врнежи поплавиле патишта и предизвикале проблеми во сообраќајот. Невреме било регистрирано и во Солун, Драма, Волос, Агринио и Закинтос.
Во Неа Фокеа на Халкидики градот предизвикал големи штети на насадите со маслинки. Краткотрајната, но силна бура била проследена со интензивен дожд и силни удари на ветер.
Грчките власти испратија предупредувања преку бројот 112, а за делови од Централна Македонија, Тесалија, Евија и Егејското Море беа активирани портокалови и црвени метеоролошки предупредувања.
Мрежата на Националната опсерваторија во Атина регистрирала повеќе од 55.000 електрични празнења, а најсилни врнежи имало во Тесалија, Централна Грција и делови од Македонија, особено на Халкидики.
