Тројца пациенти со западнонилска треска на респиратор

хематологија
Фотографија од офиијалната фејсбук страна на Министерството за здравство

Тројца пациенти со западнонилска треска се во критична состојба на Клиниката за инфективни болести во Скопје и се приклучени на механичка вентилација. Во изминатото деноноќие е хоспитализиран и 76-годишен пациент со симптоми што упатуваат на невроинвазивна форма на болеста.

Кај новиот пациент е утврдено воспаление на мозокот и мозочните обвивки од вирусно потекло, а серолошкиот тест бил позитивен на вирусот Западен Нил. За конечна потврда се потребни дополнителни испитувања на цереброспиналната течност, поради што случајот засега се води како клинички сомнителен.

Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информира дека кај 10 пациенти е потврдена западнонилска треска, додека уште седум се водат како клинички сомнителни. Тројцата пациенти на интензивна нега и натаму се во непроменета критична состојба. Според информациите од Клиниката, пациентите се од Скопје.

Цана појасни дека ПЦР-тестот не е единствениот и конечен стандард за утврдување на невроинвазивната форма, поради што се прават дополнителни лабораториски анализи. Пациентите со соодветна клиничка слика во меѓувреме се лекуваат како заболени од вирусот.

Последниот официјален извештај на Институтот за јавно здравје, објавен на 27 јули, регистрираше осум случаи во Македонија, од кои седум потврдени и еден веројатен. Сите осум развиле невроинвазивна инфекција и биле хоспитализирани, а шест од нив биле повозрасни од 60 години. Новите информации од Клиниката покажуваат дека бројот во меѓувреме е зголемен.

Околу 80 проценти од заразените немаат симптоми. Кај приближно една петтина може да се појават температура, главоболка, болки во телото, замор и осип, додека кај помалку од еден процент се развиваат менингитис, енцефалитис или други тешки невролошки компликации. Најголем ризик имаат лицата над 60 години, хронично болните и лицата со ослабен имунитет.

Вирусот најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец и не се пренесува меѓу луѓето преку вообичаен контакт. Граѓаните со висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест или други невролошки симптоми треба веднаш да побараат медицинска помош.

Најчитано