Турската стендап-комичарка Туба Улу се соочува со обвинение со кое обвинителството во Истанбул бара казна затвор до три години поради шега за османлискиот султан Сулејман Величествениот, кажана за време на настап и подоцна проширена на социјалните мрежи.
Обвинението ја товари Улу за „поттикнување омраза и непријателство во јавноста“. Случајот почнал откако кратко видео од нејзиниот настап се појавило на интернет во април, по што била отворена истрага, а комичарката била приведена под сомнение дека навредила историски, национални и духовни вредности.
Улу подоцна била пуштена под судски надзор. По ослободувањето, таа објавила извинување на социјалните мрежи, наведувајќи дека немала намера никого да повреди или навреди и дека сатиричниот израз понекогаш може да ги премине границите на вкусот.
Турските медиуми објавија дека по случајот бил ограничен пристапот до нејзините профили на X и YouTube, со образложение за заштита на националната безбедност и јавниот ред. Случајот предизвика реакции од организации и јавни личности кои предупредија дека кривичниот прогон на комичари поради сценски настапи дополнително го стеснува просторот за слободен израз во Турција.
Случајот со Туба Улу не е изолиран во турскиот јавен простор. Во последните години во Турција често се отвораат истраги за сатирични, медиумски или онлајн содржини што властите ги оценуваат како навреда на религиозни, национални или историски вредности. Турскиот Кривичен законик предвидува казни за јавно навредување вредности што можат да го нарушат јавниот мир, а токму таквите одредби често се во центарот на дебатата меѓу заштитата на јавниот ред и слободата на изразување.
Постапката против Улу ќе се води пред основен кривичен суд во Истанбул. До правосилна судска одлука, таа останува обвинета, но не и осудена.