Васе Анакиев барал 100.000 евра мито за увоз на вештачко ѓубриво

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поради сомнение дека побарал 100.000 евра поткуп од компанија што увезувала вештачко ѓубриво.

Анакиев е обвинет за кривичното дело „примање поткуп“, а заедно со обвинението е поднесен и посебен предлог за продолжување на мерката притвор.

Според наводите во обвинителниот акт, Анакиев како директор вршел притисок врз фитосанитарен инспектор на граничен премин да не дозволи влез на пратка со вештачко ѓубриво, иако компанијата и претходно повеќепати увезувала таков вид стока.

Поради постапувањето на инспекциските служби, пратката неколку дена била задржана на граничниот премин. Кога претставниците на компанијата побарале образложение зошто не се дозволува увозот, според Обвинителството, Анакиев почнал да бара пари за да го реши проблемот.

На 13 март, при средба во Свети Николе, обвинетиот наводно побарал 100.000 евра за да биде одобрен конкретниот увоз, но и за непречено реализирање на идните увози на компанијата.

Парите требало да бидат исплатени во три рати. Првата изнесувала 50.000 евра, а преостанатите две требало да бидат по 25.000 евра.

На 19 март пријавителот преку посредник му ја предал првата рата од 50.000 евра. По преземањето на парите, полицијата го лишила Анакиев од слобода.

При прегледот на неговото возило, полициските службеници ги пронашле парите под совозачкото седиште. Средствата биле одземени и обезбедени како доказ во постапката.

Основниот кривичен суд во Скопје претходно му определи притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и ризик од повторување на кривичното дело. Обвинителството сега бара мерката да продолжи и по поднесувањето на обвинението.

Анакиев беше именуван за директор на Државниот инспекторат за земјоделство во јули 2024 година. Тој е и потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија, која е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Поднесувањето обвинителен акт значи дека Обвинителството оценило дека располага со доволно докази предметот да продолжи пред суд. Вината на Анакиев, сепак, не е правосилно утврдена и за неа треба да одлучува судот во понатамошната постапка.

Најчитано