Македонските граѓани кои викендов патуваат кон Халкидики, Солун или аеродромот „Македонија“ треба да се подготват за застои и пренасочување на сообраќајот поради нова фаза од изградбата на големиот надвозник „Флајовер“.
Од петок, 3 јули, во 23 часот, во траење од 24 часа, целосно ќе биде запрен сообраќајот во двата правци на дел од Источната внатрешна обиколница на Солун. Затворањето ќе важи на делницата меѓу клучките К7 кај Ептапиргио и К8 кај Триандрија.
Оваа делница е дел од главната транзитна рута што ја користат туристите кои од Македонија патуваат кон Касандра, Ситонија, источниот дел на Халкидики, Переа и солунскиот аеродром. Поради почетокот на јулскиот туристички бран, пренасочувањето може да создаде поголем метеж низ градската мрежа на Солун.
Возилата што се движат во правец кон Кавала и Катерини ќе бидат пренасочувани преку улицата „Кацимиди“, по што патувањето ќе продолжува низ градските сообраќајници.
Оние што патуваат кон Халкидики или аеродромот ќе треба да излезат кон улицата „Антеон“ и да продолжат по алтернативната маршрута низ градот. За тешките товарни возила е препорачана трасата „Монастириу – Егнација – Караманли“.
Возачите треба строго да ја следат привремената сигнализација и упатствата на грчката сообраќајна полиција. Најголем притисок се очекува во сабота, кога покрај странските туристи, кон Халкидики традиционално се упатуваат и голем број жители на Солун.
За да ги избегнат најголемите гужви, патниците треба да планираат минување низ регионот пред утринскиот шпиц или по завршувањето на викенд-затворањето. Состојбата на алтернативните правци може да се следи и преку системот за сообраќај во реално време, чии податоци се обновуваат на секои 15 минути.
Патниците кон Кавала, Тасос и Атос можат да продолжат по автопатот „Егнација одос“, без навлегување во најоптоварените делови од центарот на Солун. За Олимпискиот Регион, односно Паралија, Олимпик Бич, Лептокарија, Платамон и Неи Пори, главната маршрута останува автопатот А1 кон Катерини.
Привремените затворања се поврзани со изградбата на „Флајовер“, еден од најголемите инфраструктурни проекти во северна Грција. Проектот опфаќа модернизација на околу 13 километри од обиколницата, четири километри непрекинат надвозник, девет клучки, осум нови мостови и три тунели.
Работите ќе продолжат и во текот на туристичката сезона, поради што се можни нови ноќни и викенд-затворања. Возачите што патуваат кон Грција треба да ја проверуваат состојбата непосредно пред тргнување и да предвидат дополнително време за патување.
