Новиот велнес тренд: хотели што ветуваат подолг и поздрав живот

Современиот велнес туризам сè повеќе се оддалечува од класичните спа третмани и релаксација, а новата генерација хотели и одморалишта нуди програми кои ветуваат подобар сон, намален стрес, подолго живеење и поздраво стареење, при што сè поголем број луѓе патуваат низ светот во потрага по таканаречени „лонџевити“ искуства.

Наместо масажи и краток одмор, дел од новите велнес програми вклучуваат тестирања на здравствената состојба, следење на сонот, анализи на телото, специјални режими на исхрана и физички активности како пешачење, велосипедизам и медитација. Вакви програми денес се нудат во луксузни ресорти од Хималаите до езерото Комо во Италија.

Интересот за ваков тип туризам значително пораснал по пандемијата, кога темите за здравје, стареење и превенција станале многу поприсутни во јавноста. Според истражување на „Мекинзи“ за 2025 година, шест од десет луѓе го сметаат здравото стареење за еден од најважните приоритети, додека велнес туризмот е еден од најбрзо растечките сегменти во глобалната индустрија вредна трилиони долари.

Експертите сепак предупредуваат дека ветувањата за „подолг живот“ немаат цврста научна потврда. Според дел од медицинските лица, нема доволно докази дека ваквите ретрити директно го продолжуваат животниот век, иако многу од програмите промовираат навики кои се научно потврдени како корисни, меѓу нив поздрава исхрана, физичка активност, намалување на стресот и подобар сон.

Во дел од хотелите инспирацијата доаѓа од таканаречените „сини зони“, региони во светот каде луѓето живеат подолго од просекот. Таму гостите добиваат програми поврзани со животниот стил во Окинава, Сардинија или Костарика, вклучувајќи работилници за исхрана, движење и животна цел.

Други центри, како оние во Индија кои се базираат на ајурведски принципи, велат дека последните години клиентите сè почесто бараат решенија за хроничен замор, стрес и предвремено стареење, наместо краткорочна релаксација.

Најчитано