Борците против родовото движење и одредени медиуми во земјава објавуваа пораки дека церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз била форма на сатанизам и се обидоа да прошират дезинформации дека отворањето и затворањето на Олимписките игри биле сатанистички ритуали, истакна Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА, на панел – дискусијата „Увезени дезинформации – Како про-Кремљ дезинформациите ги засенија Летните олимписки игри во Париз“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Јуроп Хаус во Скопје.
Во однос на успешноста на про-руските пропагандни напади врз Олимписките игри во регионот, Трајаноски го посочи примерот во Бугарија, кога бугарската боксерка изгубила од Лин и тоа било доживеано како национална трагедија на која реагирал и претседателот Радев, со изјава дека бугарската боксерка се борела за „нормалноста“. Овој момент го искористи анти-родовото движење во Бугарија, да предложи законски измени и да изгласа забрана за пропаганда за нетрадиционални сексуални ориентации во образовната легислатива во Бугарија.
„Ова е само еден пример како руската воена пропаганда искористи еден момент за да ја активира таа локална мрежа, којашто постоеше во Бугарија против родовата идеологија. Бидејќи претходно тие проруски играчи водеа кампањи против Истанбулската конвенција во Бугарија, коишто исходуваа со одлука на Уставен суд со којашто се утврди дека Истанбулската конвенција не е во согласност со Бугарскиот Устав, дури и со една одлука на Врховниот суд со којашто се забрани промена на полот во Бугарија“, посочи Трајаноски.
Според Трајаноски, руската воена пропаганда со обиди за сатанизација и демонизација на Западот е присутна во нашиот медиумски простор уште пред десетина години. Но, интересно е дека воено-пропагандните тези против Антихристот и сатанизацијата на Западот станаа официјална доктрина на Руската православна црква, која објави дека води света војна против Западот кој е „западнат во сатанизам“.
„Имајќи ја предвид оваа нова доктрина на Руската православна црква, која е воено-пропагандна алатка на режимот на Путин, сосема беше очекувано дека оваа борба против Западот, односно обидот да се сатанизира Западот ќе продолжи и дека за тоа ќе бидат искористени и Олимписките игри во Париз”, рече Трајаноски.
Генерално, според Трајаноски, обидот да се сатанизира политичкиот противник станува тренд и не е препознатлива тенденција само за руската воена пропаганда против Западот, туку и за некои „прозападни“ играчи. „Тоа го гледаме не само во Европа, кадешто анти-ЛГБТИ+ и анти-родовите дезинформации беа искористени во политичките пропагандни кампањи и во Словачка и во Италија. Меѓутоа гледаме дека истите тие механизми на анти-родовите дезинформации се користат и во кампањата во САД. Сега гледаме дека има обиди да се сатанизира и таму демократската партија, има и обиди дури и да се прогласи Камала Харис за вештерка од страна на кампањата што е блиска на Трамп“, објасни Трајаноски.
Панел дискусијата е дел од програмата на Деновите на медиумска писменост 2024, во организација на Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги и Мрежата за медиумска писменост, која содржи 22 настани на различни локации низ државата. Целта на Деновите на медиумска писменост, кои годинава се организираат под мотото „Твојата свест е најважниот филтер“, е да се мобилизира јавноста и да се подигне свеста за важноста на медиумската писменост.
Извор: ИМА.мк