Почнаа да стигаат сметките за коалицијата. Вреди/Влен започна со формирањето на Албанска академија на науките во Македонија. И тоа е само едно од ветувањата од предизборната кампања на оваа коалиција на кои заедничко им е создавање паралелни институции во Македонија.
Рацин.мк уште за време на изборната кампања, во анализата „Будење на злото – Повампирување на поделбата на Македонија кај Групчин“, предупреди дека изборната програма на Влен/Вреди во клучните точки застапува редефинирање на уставниот поредок на земјата, федерализација и доминатна бинационалност во институционалниот поредок, во економијата, во образованието, па дури се оди дотаму да се инсистира и на нагласено инфраструктиурно поврзување со Косово и Албанија како национален интерес на Албанците во Македонија и во регионот.
И на сето ова се смета на партнерство со ВМРО-ДПМНЕ. Да, токму така. Како партнер во Владата на коалицијата на албанските партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партнерот во спроведувањето на институционалната бинационалност која, како што беше најавено вчера, започнува со иницијативата за основање „Албанска академија на науките и уметностите“, за која лидерите на коалицијата „Вреди“ во Тетово најавија дека првично ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението кое ќе биде основано за таа работа.
И тоа е само почеток затоа што општинското финансирање, како што велат од „Вреди“, треба да биде привремено решение и тие ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.
Епа тоа не се прави без партнерство на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е едноставно да се заклучи ако се земат предид изјавите од состанокот на лидерите на Влен/Вреди од кој е јасно дека здружението за основање „Албанска академија на науките и уметностите“ веќе е регистрирано и си има и свој секретар, Зеќир Кадриу.
Тоа е сосема видливо и од фотографиите од состанокот на кои на банерите и на излогот на просторијата е напишано „Албанска академија на науките и уметностите во Република Северна Македонија“
Секретарот на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ уште вели дека ова е нивна втора средба со коалицијата „Вреди“, која донела конкретни решенија и дека „по основањето на Владата веќе почнува да се реализира тоа што е предвидено, што е ставено во програмата“.
Според најавата на Кадриу, на почетокот сите општини што сакаат може да помогнат за финансирање на оваа академија, а понатаму, кога ќе се донесе закон и ќе може да се продолжи во унапредување на академијата.
Значи, од Влен/Вреди, веќе планираат за оваа работа и закон, а тоа е постапка во која секако ќе учествува и ВМРО-ДПМНЕ.
„Мислам дека Албанците во Република Северна Македонија го заслужуваат тоа“,
додаде Кадриу.
По состанокот на лидерите на „Вреди“ со претставници на здружението објавија постови на социјалните мрежи каде што го искажаа своето задоволство.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека основањето и особено формализацијата на Албанската академија на науките и уметностите е една од најдобрите иницијативи на „Вреди“.
„Денес се собравме во Тетово за ова, а јас се чувствувам особено горд. Како еден од најстарите, ако не и најстар народ на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на една античка култура“, напиша Таравари.
Ни помалку, ни повеќе – античка.
Добро, тоа е нешто што ги поврзува со ВМРО-ДПМНЕ. И тие претендираат на античката цивилизација и култура.
И Билал Касами го поздрави процесот за основање на „Албанска академија на науките и уметностите“. Тој напиша дека целта е да се создаде средина каде науката и уметноста ќе можат да напредуваат независно и професионално.
„Силно веруваме дека „Албанска академија на науките и уметностите“ ќе послужи како референтна точка за сите оние кои се стремат да напредуваат во овие полиња и да помогнат во изградбата на посветла иднина“, напиша Касами.
Изборната кампања заврши, време е да се испорачаат сметките и ветувањата
Време е да потсетиме дека „Албанска академија на науките и уметностите“, беше само едно од ветрувањата на Влен/Вреди.
Од оваа коалиција ветија дека „ќе се изгради консензус за нов Устав, подемократски и помодерен, кој ќе ја редефинира земјата како еднаква држава на двете мнозински заедници, но со гарантирани целосни права на малцинските заедници Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните“.
Новиот Усатв ќе ја отвори вратата за конечна интеграција на Северна Македонија во ЕУ, запишале Влен/Вреди во својата изборна програма.
Во сферата на образованието, Влен/Вреди ќе формираат заеднички Совет на албанските универзитети за подигање на квалитетот на студиите за да „не бидат принудени нашите најдобри студенти да избираат унуверзитети на македонски јазик“.
Низ програмата на Влен/Вреди доминира дека сите политики во образованието ќе се координираат и усогласуваат со властите во Албанија и Косово.
Во соработка со Албанија и Косово, пишува во програмата на оваа коалиција „ќе се унифицира системот и наставните програми“.
Уште се вели дека „за предметите јазици, книжевност, историја, географија и други поврзани со општеството и културата треба да се користат истите текстови и наставни програми со Албанија и Косово“.
Овие заложби одат и понатаму, па така се најавува дека „Законот за празниците мора да ја одразува еднаквоста и целосно да бидат признаени и албанските национални празници“.
Употребата на албанската национална химна, грб и знаме во училиштата и институциите ќе ужива едакво законско право со она на Македонците“, запишале во програмата и го ветуваат тоа во кампањата од Коалицијата Влен/Вреди.
Освен „Албанска академија на науките и уметностите“ има уште две точки во програмата на Влен/Вреди: Ќе се залагаат и ќе бараат од партнерот во владата Банка за Албанците, признавање на алабанскиот јазик како службен јазик на целата територија на Северна Македонија и претседателот на државата да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство и бандентерово мнозиство.
Имајќи го сите овие точки од програмата на Влен/Вреди предвид, кои е невозможно да не ги знае(ше) и ВМРО-ДПМНЕ, навистина станува сериозно прашањето зошто Мицкоски уште ноќта, за време на првиот круг на претседателските избори му се јави на Таравари за понуда за учество во новата влада.
Невозможно е ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да не знаеле што има во програмата на Влен/Вреди, а сепак пружија рака за заедничка владина коалиција. Еве сега сметките започнаа да пристигаат, па нека повелат нека си ги платат. По која цена и на чија штета, веќе станува очигледно