Јирген Клоп дојде на клупата на Германија со огромни очекувања, но првите две средби покажаа дека враќањето на четирикратниот светски шампион на врвот нема да биде брза работа. По ремито 1:1 со Холандија следуваше пораз од Грција со 0:1, па новиот селектор уште на почетокот се соочи со притисок каков што добро го познава германската репрезентација во последните години.
Но Клоп очигледно не дошол да го поправи само почетниот состав. Неговата идеја е многу поширока – практично да започне одново со изградбата на германската репрезентација.
За првиот циклус повика дури 44 фудбалери поделени во две групи, со голем број нови лица. Наместо веднаш да создаде затворен круг од 20-ина играчи, Клоп сака во краток период да види што е можно поголем број кандидати и да создаде база за следните две-три години.
„Не го баравме она што го немаме, туку она што го имаме“, објасни Клоп при објавувањето на списокот, додавајќи дека целта е дел од овие фудбалери во следните две или три години да бидат подготвени за највисоко ниво.
Тоа е необичен пристап за репрезентативен фудбал, каде селекторите имаат многу помалку време со играчите отколку тренерите во клубовите. Клоп, кој најголемите успеси ги постигна со Борусија Дортмунд и Ливерпул, сега мора својот препознатлив начин на работа да го приспособи на неколку кратки репрезентативни собири годишно. И самиот признава дека нема брзо решение.
„Развојот бара време“, порача Клоп пред следните натпревари, објаснувајќи дека стручниот штаб сè уште собира информации за играчите кои во иднина можат да бидат дел од репрезентацијата.
Неговата идеја за игра, сепак, е веќе позната. При преземањето на функцијата најави дека Германија треба да има јасна структура, агресивен пресинг и препознатлив фудбалски идентитет, елементи врз кои ја изгради и својата тренерска кариера. Договорот со Германската фудбалска федерација му трае до 2030 година и ги опфаќа Европското првенство во 2028 и Светското првенство во 2030 година.
Првиот вистински тест за трпението веќе пристигна. По ремито во Амстердам, Германија загуби дома од Грција, а вечерва во Минхен ја пречекува Србија во Лигата на нации. На 4 октомври следува и реваншот со Грците во Солун.
Клоп, не доби идеален почеток. Можеби токму тоа најдобро покажува колкава работа презел: човекот кој ги преобрази Дортмунд и Ливерпул сега се обидува да го направи истото со германската репрезентација, само што овојпат нема 38 кола во сезона, туку по неколку натпревари за да ја изгради новата Германија.

