Косово треба да го зачува мултиетничкиот карактер и да ја обнови довербата со локалната српска заедница, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со премиерот Албин Курти во Приштина.
Таа нагласи дека европската перспектива зависи и од изградбата на општество во кое сите заедници ќе имаат свое место, пренесе „Проверено“.
Фон дер Лајен ја истакна долгогодишната поддршка на ЕУ за Косово, посочувајќи дека Унијата е негов најсилен партнер и најголем донатор. Помошта, кажа таа, е насочена кон обновата, економскиот развој, реформите и зајакнувањето на демократските институции.
Претседателката на Европската комисија повика на дијалог меѓу политичките партии и обезбедување институционална стабилност, неопходна за напредок на европскиот пат.
Осврнувајќи се на пресудата за поранешните лидери на ОВК, таа порача дека судските одлуки мора целосно да се почитуваат и дека станува збор за индивидуална одговорност.
„Косовскиот отпор не беше предмет на судење“, рече Фон дер Лајен.
Таа зборуваше и за Планот за раст на Западниот Балкан. Нагласи дека користењето на придобивките бара брзо спроведување реформи и целосно функционални институции, кои ќе ја претворат европската определба во конкретен напредок.

