Внимателно ако сте на одмор во Грција, владее нилска треска од комарци

Грчките здравствени власти регистрираа 21 локално пренесен случај на вирусот Западен Нил од почетокот на сезоната, а 14 од нив биле потврдени во последната недела. Најголемиот број заболени е евидентиран во Атика, поради што туристите и локалното население се повикуваат доследно да се заштитуваат од каснување од комарци.

Според извештајот на грчката Национална организација за јавно здравје од 22 јули, 20 од заболените развиле невроинвазивна форма на инфекцијата, која може да предизвика енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Еден пациент имал поблаги симптоми, а смртни случаи досега не се регистрирани.

Средната возраст на пациентите со невролошки компликации е 72 години, а заболените се на возраст од 55 до 91 година. Грчките власти предупредуваат дека повозрасните лица, луѓето со хронични заболувања и лицата со ослабен имунитет имаат поголем ризик од развивање тешка форма на болеста.

Случаи се потврдени во 13 општини во регионите Атика и Тесалија. Меѓу погодените подрачја се Спата-Артемида, Вари-Вула-Вулијагмени, Глифада, Палина, Лавреотики, Кропија, Агија Параскеви, Халандри и делови од централна Атина, како и Лариса и Паламас во Кардица. Најмногу случаи, шест, се поврзуваат со општината Спата-Артемида во источниот дел на Атика.

Грчката здравствена организација оценува дека во Атика во моментов има интензивна циркулација на вирусот и очекува во наредниот период да бидат дијагностицирани дополнителни случаи. Вирусот се пренесува главно преку каснување од заразени обични комарци, кои претходно се инфицирале од птици.

Кај околу 80 проценти од заразените не се појавуваат симптоми. Кај останатите може да се јават температура, главоболка, замор, болки во телото, мачнина, повраќање, осип и зголемени лимфни јазли. Тешката форма може да предизвика висока температура, вкочанет врат, дезориентација, тресење, мускулна слабост, напади и парализа.

На граѓаните кои престојуваат во Грција им се препорачува да користат одобрени средства против комарци, да носат облека со долги ракави и ногавици, да користат мрежи на прозорците и кумуници и да не оставаат садови со застоена вода во близина на сместувањето. Овие мерки треба да се применуваат низ цела Грција, бидејќи однапред не може сигурно да се предвиди во кои области ќе се појават нови случаи.

Лицата кои за време или по престојот во Грција ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, збунетост или изразена мускулна слабост треба веднаш да побараат медицинска помош и да го информираат лекарот за неодамнешното патување. За вирусот нема специфичен лек или вакцина за луѓе, а тешките случаи се лекуваат со болничка и симптоматска терапија.

Најчитано