Во Дебар и околината се воведуваат рестрикции за вода

Јавното комунално претпријатие „Стандард“ воведе повеќечасовни рестрикции во водоснабдувањето во делови од Дебар и околината, откако претходните апели за рационално користење на водата не биле почитувани.

Од претпријатието соопштија дека зголемената потрошувачка во текот на денот предизвикала недостиг на вода во системот. Како главен проблем се посочува користењето на водата за пиење за наводнување градини и зелени површини, како и за миење дворови, тротоари и улици пред домовите.

Според објавениот распоред, селото Долно Косоврасти, каде што се наоѓа и познатиот бањски локалитет, ќе останува без вода од 10 до 13 часот.

Во периодот од 13 до 16 часот рестрикцијата ќе важи за дебарските населби „Венец 1“ и „Венец 2“, како и за Тараник и Ќернаница.

Од ЈКП „Стандард“ предупредуваат дека мерката ќе остане во сила додека не се подобри состојбата со водоснабдувањето. Доколку потрошувачката не се намали, постои можност времетраењето на рестрикциите дополнително да биде продолжено.

Претпријатието повторно апелира водата од изворите во Росоки да се користи исклучиво рационално и првенствено за потребите на домаќинствата. Од таму нагласуваат дека станува збор за висококвалитетна вода за пиење, која во услови на високи температури не треба да се троши за миење јавни и приватни површини.

Рестрикциите доаѓаат во период на високи температури, кога потрошувачката на вода во повеќе македонски општини е значително зголемена, а локалните комунални претпријатија предупредуваат дека нерационалното користење може да го загрози редовното снабдување на домаќинствата.

Најчитано