Во екот на жештините проработеа над 220 фонтани за вода низ Скопје

Повеќе од 220 јавни фонтани за пиење вода повторно се ставени во функција низ Скопје, во период кога градот се соочува со екстремно високи температури.

Од Град Скопје информираат дека фонтаните биле мапирани, сервисирани и повторно оспособени во соработка со ЈП „Водовод и канализација“.

Дел од нив со години не биле во функција поради дефекти и недоволно одржување.

Активирањето на јавните фонтани треба да им овозможи на граѓаните полесен пристап до вода за пиење на улиците, плоштадите, парковите и другите фреквентни локации во градот.

Од Градот најавуваат дека паралелно со обновувањето на постојните фонтани се работи и на поставување нови пунктови за вода на повеќе места низ Скопје.

„Продолжуваме со работа до секој детал, за секој граѓанин“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Активирањето на фонтаните доаѓа во услови на портокалово предупредување за високи температури и зголемен број интервенции на Итната медицинска помош поради колапси на јавни места.

Надлежните препорачуваат граѓаните редовно да внесуваат течности, да избегнуваат подолг престој на сонце и да не излегуваат без потреба во најтоплиот дел од денот.

Најчитано