Во престрелките меѓу криминални банди во албанскиот град Скадар три лица загинале, а еден недолжен маж е тешко повреден.
Според пишувањата на локалните медиуми, од две возила во движење биле испукани рафали, едно возило со хрватски регистарски таблички било удрено неколку пати, а потоа удрило во ѕид.
Една од жртвите е Хамза Лици, брат на Ибрахим Лици, лице познато на албанската полиција. Неодамна беше спомнат во познатата афера „Метаморфозис“, каде прислушувањето на белгиските и француските власти откриваше постојани конфликти меѓу Лици и бандата Бајра и бизнисменот Пелумба Ѓока.
Убиен е и Арлинд Бушати, синот на поранешниот кандидат за градоначалник на опозицијата, Џемал Бушати.
Арлинд Бушати пред неколку дена поднел пријава во полиција дека се сомнева дека ќе го убијат и дека животот му е во опасност.
Во меѓувреме, при размена на оган низ стаклата на автомобилот, повреден е и брачен пар кој во моментот на атентатот патувал со мотор.
Се дознава дека по повредите сопругата Флутура Баша починала во болница, додека нејзиниот сопруг е во критична состојба.
Официјалните служби на полицијата вака известија за настанот:
„Околу 15 часот и 50 минути на патот Скадар-Коплик, во Добрач, од огнено оружје било пукано во патничко возило од типот „бенц“ во движење, во кое биле државјаните Х.Л. и А.Б.
„Од пукањето животот го загуби државјанин Х.Л., а тешко повреден е државјанин А.Б.„
„Возилото во кое се наоѓале Х.Л и А.Б изгубило контрола и во тој момент удрило во мотоциклот што го управувале државјанинот Б.Б и неговата сопруга Ф.Б., при што починала сопругата Ф.Б., додека Б.Б е во тешка состојба во болница.“
„На местото на настанот се испратени бројни полициски единици и Единицата за национална безбедност од Скадар, како и две екипи од специјалната единица РЕНЕА.“
„Формирана е специјална истражна група и во соработка со Обвинителството се врши интензивна истрага за расветлување на околностите и обезбедување докази, со цел правно документирање на случајот, откривање и апсење на сторителите.“
„Исто така, на помош на истражната група е испратен и директорот на Криминалната полиција со екипа од стручни лица од Управата за истражување на тешки кривични дела.“
„Во меѓувреме, полициските единици ја опколија областа и продолжуваат со проверките на теренот и во различни објекти и поставуваат контролни пунктови за да се овозможи апсење на сторителите“, соопшти албанската полиција.
Инаку, според локалните медиуми, ако се сиклучат недолжните жртви, со оваа пресметка бројот на жртвите на загинати скадарските ривалски кланови од 2018 година до вчера се искачи на 20.
Серијата судири започна на почетокот на 2018 година кога едно лице загина, а осум беа ранети во експлозија на бомба поставена во автомобилот на Љ.К., а шест месеци подоцна полицијата го пронајде телото на автомеханичарот М.К..
До крајот на таа година биле убиени уште осум лица.