Полицијата во јули издала 20.976 платни налози за сообраќајни прекршоци, лишила од слобода 496 возачи поради безобѕирно управување и одзела 332 возила, покажува месечниот биланс на Министерството за внатрешни работи.
Најголем дел од лишените од слобода, 373 лица, управувале возило без возачка дозвола. Поради возење под дејство на алкохол биле лишени 81 лице, 25 возеле и покрај изречена забрана, а 16 биле затекнати со екстремно пречекорување на брзината. Едно лице возело во забранет правец.
Во истиот период, согласно член 300-б од Кривичниот законик, биле одземени 332 возила. МВР регистрирало 4.241 прекршок за брзо возење и 4.694 случаи на неправилно паркирање, додека 430 возачи биле санкционирани поради алкохол.
Без заштитна кацига биле затекнати 2.073 возачи на мотоцикли, а 1.829 учесници во сообраќајот не користеле сигурносен појас. Од сообраќај биле исклучени 299 нерегистрирани и 125 технички неисправни возила, додека 44 возачи биле санкционирани поради непрописно затемнети стакла.
МВР најави дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период и повторно апелираше до возачите да ги почитуваат правилата и прописите.
