Западен Нил се шири во пет европски земји

Светската здравствена организација предупредува на зголемување на бројот на заболени од вирусот Западен Нил во делови од Европа и бара засилен надзор над комарците и поголема информираност на населението. За најголемиот дел од граѓаните ризикот останува низок, но се препорачува внимателност во погодените подрачја.

Најголем пораст е регистриран во Грција, каде до 22 јули се потврдени 21 случај, од кои 14 во текот на само една недела. Кај 20 пациенти се развила невроинвазивна форма на болеста, како воспаление на мозокот или мозочните обвивки, а 13 лица останале на болничко лекување.

Во Италија до 15 јули биле потврдени 21 случај во 17 различни области. Локално пренесени инфекции се регистрирани и во Македонија, Романија и Шпанија, со по два случаја во секоја земја.

Вирусот се пренесува преку каснување од заразен комарец, а најголем број инфекции во Европа се појавуваат од јули до септември. Не се пренесува преку секојдневен контакт меѓу луѓето.

Повеќето заразени немаат симптоми или развиваат лесна температура, главоболка, замор, болки во телото, мачнина или осип. При висока температура, вкочанет врат, дезориентација, грчеви или мускулна слабост потребна е итна лекарска помош.

За вирусот нема вакцина за луѓе ниту специфичен антивирусен лек. СЗО препорачува употреба на средства против комарци, долги ракави и панталони, мрежи на прозорците и отстранување на застоената вода околу домовите.

Најчитано