Зејнула влезе во Владата

Собранието го избра Зулфиќар Зејнула за нов министер без ресор во Владата на Христијан Мицкоски. За неговиот избор гласаа 67 пратеници, 13 беа против, а воздржани немаше.

Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците, која на 10 јули потпиша договор за политичко партнерство со ВМРО-ДПМНЕ и се приклучи кон владејачката коалиција „Твоја Македонија“. Со приклучувањето на партијата, пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголеми на 59 пратеници.

Премиерот Мицкоски пред пратениците рече дека предлогот е дел од политиката на партнерство и заедничка одговорност и дека институциите треба да бидат отворени за луѓе кои имаат капацитет да придонесат, без оглед на нивната етничка или политичка припадност.

Зејнула од 2021 до 2024 година бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а претходно бил советник во Општина Гостивар и работел во правниот сектор на Демократската партија на Турците. Тој е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Со неговиот избор е заокружена реконструкцијата на Владата. Засега не е објавено за која конкретна област ќе биде задолжен како министер без ресор.

Најчитано