Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зелен хуман град: Советниците континуирано одбиваат да одобрат набавка на нови автобуси за ЈСП, со што намерно се продлабочува кризата во јавниот превоз

Мнозинството советници во Град Скопје континуирано одбиваат да одобрат набавка на нови автобуси за ЈСП, со што намерно се продлабочува кризата во јавниот превоз, предупредуваат од иницијативата „Зелен хуман град“.

„Проблемите со јавниот превоз дополнително се усложнуваат со создавање на вештачки кризи, вклучително и во односите со приватните превозници. Во мај 2023 година, приватните превозници потпишаа договори кои веќе тогаш можеа да бидат предмет на преговори за корекција на цените, имајќи предвид дека тие не се променети од 2015 година. Сепак, договорите беа потпишани по која било цена – зошто?“ прашуваат од здружението.

Одлуката за линиски превоз на Градот предвидува дека надоместокот за приватните превозници треба да ги покрие сите реални трошоци за вршење на услугата, плус разумна добивка.

„Наместо средствата од граѓаните да се насочат за одржување на ЈСП и неговата функционалност, мнозинството во Советот на Град Скопје инсистира тие да завршат како профит за приватните компании. Доколку е неопходно зголемување на цените за приватниците, тоа мора да се заснова на независна експертска анализа, а истиот пристап треба да важи и за ЈСП, за да може да ги покрие сопствените трошоци“, додаваат од „Зелен хуман град“.

Оваа иницијатива обединува 20 организации и активистички групи од Скопје и има двајца претставници во Советот на Градот.

Зачлени се на нашиот е-билтен